Жена (62) која е 16 години вдовица и била на 500 состаноци открива: „Зошто со ниту еден маж не сум излегла вторпат?“
- Детали
- сабота, 14 август 2021
Оваа 62-годишна жена од Обединетото Кралство тврди дека во 16-те години како е вдовица веќе била на 500 први состаноци, но речиси никогаш немала втор состанок со истиот маж. Зошто е тоа така?
Џанис Брајант е пензиониран програмер. Таа веќе 15 години живее како вдовица откако претходно го загубила сопругот.
На возраст од само 47 години Џанис го загубила сопругот Кит, кој починал од епилептичен напад во август 2005-тата година. Тие биле заедно од деца. Тој ѝ бил момче цели 29 години, а во брак биле 19 години. Во целост биле фокусирани на кариерите, па избрале да немаат деца.
„Бев млада вдовица. На почетокот ми беше мошне тешко, но веќе поминаа 16 години. Никогаш не можеш да преболиш, но се учиш да живееш со тоа“ – вели таа за британски Sun.
Една година по смртта на сопругот Џанис отворила профил на апликација за состанување.
Претходно, како што вели имала кратка врска со колега и неколку состаноци со човек што ѝ се допаднал. Успеала да одржи уште една 2-годишна врска но, сепак не ја нашла својата сродна душа, а целиот период го поминала барајќи некого на апликациите за состанување.
„Не им ги помнам имињата, па дури на некои од нив не им го помнам ниту изгледот. Многу ретко се случува да се видам со некој од нив. Многу ретко се случува да ги видам по вторпат, можеби само еден процент од нив добиле втор состанок.
Причините се различни – не ми се допаднале затоа што се премногу ниски, премногу тивки, здодевни или сексуални натрапници. Понекогаш се случувало и тие да не се заинтересирани за мене, но најчесто јас сум таа што не видела никаков потенцијал. Се одлучувам за 60 секунди, тоа е како интервју за вработување. Веднаш штом ќе ги видам знам дали ме привлекуваат или не“ – вели Џанис.
Таа напоменува дека не сакала мажи без коса и дека не сакала мажи што пушат цигари, иако признава, дека низ годините направила исклучоци. Исто така, не сака кога таа треба да говори цело време на состаноците, затоа што ѝ станува здодевно цело време да го слуша сопствениот глас.
„Најмногу мразам кога мажите се самобендисани. На првиот состанок еден маж почна да ми покажува фотографии од сите девојки со коишто излегувал.
Потоа ми кажа дека со мене се гледа за ручек, а има уште еден состанок за време на вечерата. Сум била на голем број состаноци каде мажот се појавил и изгледал сосема различно од фотографиите“ – вели таа.
Таа оди понатаму и напоменува колку е тешко да ја најдеш вистинската љубов на интернет. На почетокот кога се приклучила на апликацијата еден измамник се обидел да ѝ земе илјадници фунти.
„Тој беше измамник. Ми кажа дека има докторат и добро вработување, мислев дека изгледа прекрасно. Рече дека живеел во САД, но во моментот бил во Лагос, Нигерија каде работел и дека на аеродромот му го одземале паричникот и итно му требале пари.
Бев мошне наивна, но веднаш штом ми побара пари знаев дека се работи за измама, па почнав да го навлекувам и да се преправам дека ќе му пратам пари, затоа што тоа што ми го правеше не беше во ред“ – вели таа.
Од нејзиното искуство на апликациите за состанување таа вели дека не е во ред што мажите говорат едно на интернет, а се сосема поразлични кога ќе ги запознаете. Поради сите лоши искуства таа одлучила да стави пауза на состанувањата до следната пролет (2022 година).
Како што вели, ѝ се чини дека премногу труд и напор вложува непотребно. Не вели дека во целост планира да се откаже од тоа да најде некого, но во моментов одлучила да ужива во тоа што е сингл.
Б. С. Б. | Црнобело