„Двапати ставив бланш на косата – ја уништив и морав да ја избричам главата“
- Детали
- сабота, 17 јули 2021
35-годишната Џејд од Англија двапати ја бланширала косата во еден ден, но поради агресивниот третман, косата ѝ се искинала, па морала да си ја избричи главата.
Џејд Џарвис од Англија сакала да си ја офарба косата во домашни услови. Таа вели дека 20 години се фарба сама и не ни помислувала дека може да настане некаков проблем.
Бидејќи нејзината коса била зелена, а таа сакала пастелна нијанса, решила да ја бланшира. Но, косата ѝ била многу темна, па по првото бланширање добила портокалова нијанса.
Оваа боја воопшто не ѝ се допаѓала и ја бланширала уште еднаш, но набрзо сфатила дека направила ужасна грешка - поради третманот со хемикалии, нејзината коса станала многу кршлива и се искинала, па Џејд била принудена да си ја избричи целата глава.
„Кога видов што ѝ се случи на мојата коса, сакав да заплачам. Бев шокирана. Знаев дека, очигледно, ќе има некакво оштетување од бланширањето, но никогаш не помислив дека ќе биде толку лошо, што ќе треба да бидам ќелава. Се погледнав во огледалото и сакав да заплачам.
Косата ми беше зелена и сакав да ја осветлам доволно за да можам да ставам пастелна боја. Отсекогаш сум била храбра кога станува збор за косата и сум ја фарбала во секакви бои. Всушност, малку сум зависна од фарби за коса. Се фарбам околу 20 години, но досега ниту еднаш не ми се случило нешто вакво“.
„По првото бланширање, косата почна малку да ми се крши, но имаше портокалова нијанса и сигурно немаше да ја оставам така. Па, ставив бланш уште еднаш за да ја осветлам што е можно повеќе.
Но, ова дефинитивно не беше добра одлука бидејќи почнаа да ми се откинуваат влакна на целата коса. Полошо нешто не сум видела“.
„Кај мене беше една пријателка додека се фарбав, па ја замолив да провери колкава штета сум направила. Ми рече дека сигурно ќе треба да ја истрижам цела, околу еден сантиметар од коренот.
Не ми се веруваше. Дури и на најнежниот допир, влакната ми се кинеа. Сум ги изгорела влакната на задниот дел од главата. Беше катастрофа.
Погледнав во огледалото и знаев дека немам друг избор освен да ја истрижам целата коса“.
„Мразев што морам да си ја избричам главата. Навистина сакав да си ја пораснам косата. Кога се погледнав во огледалото откако се избричив, ќе заплачев. Нервозно се смеев за да ги сопрам солзите.
Мразев да гледам во косата. Уште се немам навикнато и уште ја мразам. Луѓето ми велат дека ми стои добро, но не се согласувам“.
„Воопшто не ми се допаѓаше многу кратка, светла коса, па ја офабрав надевајќи дека ќе ми се допаѓа повеќе, но уште не можам да се навикнам.
Дефинитивно си ја научив лекцијата и повеќе никогаш нема сама да ја бланширам косата. Секојпат ќе одам на фризер“.
Спирова С. | Црнобело