Жена од Турција го прослави 119-тиот роденден – тврди дека е најстарата личност на Земјата
- Детали
- четврток, 01 јули 2021
Шекер Арслан од Турција е родена во далечната 1902 година и тврди дека е најстарата личност на светот. Во јуни годинава, таа наполни 119 години, а нејзината лична карта ја потврдува нејзината возраст. Сепак, уште нема официјална потврда од Гинис за тоа дали Шекер е рекордерка.
На 27-ми јуни Шекер Арслан од Турција наполни 119 години, а според нејзината лична карта, таа е родена во 1902 година. Mirror пренесува дека иако таа го прослави нејзиниот 119-ти роденден, поради некоја причина, на роденденската торта стои бројот 120.
Најверојатно семејството направило грешка во пресметката, но ова не го оспорува фатктот дека веројатно Шекер е најстарата жива личност во светот.
Шекер го прославила роденденот во кругот на семејството, во нејзиниот дом во Амасија во северна Турција.
Старицата вели дека ја наследила долговечноста од нејзината мајка која починала на 110-годишна возраст. Шекер има шест деца и 12 внуци, а наводно најмногу жалела за тоа што нема уште повеќе внуци.
Шекер вели дека нема тајна за нејзиниот долг живот, но нагласува дека секое утро појадува по едно варено јајце. Некогаш појадува и путер, мед и сирење. Денес старицата живее со нејзината ќерка, зетот и двете внучиња.
Пред околу половина година некои членови од семејството се заразиле со ковид. Тој период, сите стравувале дека можеби ќе ја заразат и Шекер и ќе ѝ го загрозат животот. За среќа, Шекер не се заразила, а сега сите од нејзиното семејство се во одлично здравје.
Наводно, локалните власти сакаат Шекер да влезе и во Гинисовата книга на рекорди како најстара личност на Земјата, но не е познато дали преземаат нешто во врска со тоа.
Според Гинис, најстарата жена, но и најстарата личност во светот које е уште жива е Кане Танака од Јапонија, кој е родена во 1903 година.
Најстариот жив маж, пак, е Емилио Флорес Маркез од Порторико, кој е роден во 1908 година и има 112 години.
Спирова С. | Црнобело