Уникатен пар: Маж со џуџест раст и неговата сопруга го срушија рекордот за пар со најголема разлика во висина (фото)
- Детали
- четврток, 24 јуни 2021
Наставничка, која е висока околу 170 сантиметри, и нејзиниот сопруг, кој е висок 109 сантиметри, влегоа во Гинисовата книга на рекорди како парот со најголема разлика во висина, а се надеваат дека нивната приказна ќе ги натера луѓето да не судат само според изгледот.
33-годишниот Џејмс Ластед и 27-годишната Клои живеат во Велс, а неодамна беа прогласени за брачен пар со најголема разлика во висина, во случај кога жената е повисока од мажот. Тие добија и сертификат од Гинис.
Џејмс, кој е актер и ТВ презентер, има ретко нарушување поради кое има џуџест раст. Со Клои се запознале во локален паб преку заеднички пријатели, а стапиле во брак во 2016-та.
На свадбата, Џејмс морал да се поткачи на скала за да може да ја бакне својата сакана. Среќниот пар има и ќерка – 2-годишната Оливија.
Клои вели дека во минатото секогаш ја привлекувале повисоки мажи, но ова целосно се променило штом го запознала Џејмс.
„Мислам дека постои личност за секого, и можеби тоа не е личноста којашто сте си ја замислувале. Се надевам дека нашата љубовна приказна ќе ги натера другите да не судат според изглед и да сфатат секој си има своја приказна, без разлика како изгледа“.
Џејмс вели дека е пресреќен што неговото нарушување не го наследила и ќерка му, а на шега вели дека се почувствувал како да е висок три метри кога Клои почнала да се породува.
„Кога првпат ја држев ќерката во раце – тоа дефинитивно беше едно од најубавите нешта што ми се случиле“.
Џејмс вели дека џуџестиот раст му предизвикувал проблеми во животот, но вербата во Бог му помага да се справи. Всушност, тој бил убеден дека некогаш нема да стапи во брак, но сега нагласува дека тој и Клои се доказ дека за сите луѓе на светот постои вистинската личност.
„Во еден момент си реков дека џуџестиот раст не ме дефинира. Само сакав да бидам како сите останати и да си го живеам животот на голем начин, во мало тело“.
Вљубениот пар неретко се наоѓал и во непријатни ситуации. Кога почнале да се гледаат, Клои била студент во Кардиф, а на еден состанок имале мошне непријатна ситуација.
Наводно, кога седнале во ресторан, келнерката помислила дека Џејмс е дете, па му донела боенка и боички. Келнерката си ја воочила грешката кога Џејмс ѝ прозборел со длабок глас и се засрамила.
Засега парот не планира да има уште деца и велат дека во моментов само сакаат да уживаат во семејниот живот.
„Би сакале уште деца, но можеби во иднина, засега ни е добро и вака – уживаме во секој момент со Оливија. Да се биде татко е најдоброто чувство на светот и го ценам секој момент со семејството“, вели Џејмс.