Брат и сестра со џиновски раст рушат рекорди: Худа има стапала од 33cm, Мухамед има дланки од 31cm
- Детали
- четврток, 17 јуни 2021
Кога Мухамед ќе ги рашири рацете, тој зафаќа простор од неверојатни 2,5 метри, а неговата сестра Худа - 2,3 метри. Мухамед има дланка поголема од чинија и, како што вели, во неа сè изгледа мало.
Некои луѓе се запишуваат во Гинисовата книга на рекорди со многу труд, упорност и работа, а некои едноставно се родени со посебни таленти. Така, овие брат и сестра од Египет заедно успеаја да срушат дури 5 рекорди, благодарение на нивните тела.
Мухамед и Худа Шехахта од Египет успеаја да влезат во познатата книга на рекорди благодарение на нивниот џиновски раст. Според податоците во Гинис, тие заедно се високи 414,4 сантиметри, или колку еден двокатен автобус.
Мухамед го држи рекордот за најголем распон на дланката кај жив маж, кој на неговата лева дланка изнесува 31,3 сантиметри. За споредба, се смета дека просечно распонот на дланката изнесува околу 22,6 сантиметри кај мажи и 20,1 сантиметри кај жени.
Освен тоа, тој го сруши рекордот и за најголем распон на раце кај жив маж. Така, кога тој ќе ги рашири рацете, распонот од една до друга рака изнесува неверојатни 250,3 сантиметри, односно нешто повеќе од 2,5 метри.
Сестрата на Мухамед, Худа, сруши три рекорди, и тоа за најголеми стапала кај жива жена - 33,1 сантиметри на десното стапало, за најголеми дланки кај жива жена - 24,3 сантиметри на нејзината лева рака и за најголем распон помеѓу рацете кај жива жена - 236,3 сантиметри.
Братот и сестрата се сретнале со претставничката од Гинисовата книга на рекорди Кензи Дефрави во клиника во Египет, каде заедно со професорот по ортопедска хирургија Калед Емара било извршено мерењето.
Инаку, Мухамед и Худа живеат со нивната мајка во мало село, на 90 минути од главниот град на Египет, Каиро.
Се верува дека причина за нивниот гигантски раст се бенигните тумори во хипофизата, поради што кај нив има зголемено производство на хормони за раст. Ако таквиот тумор се јави пред пубертетот, најчесто предизвикува „гигантизам“.
„Се надевам дека титулата од Гинисовата книга на рекорди засекогаш ќе ми го промени животот. Отсекогаш сонував да се облекувам како другите жени, но сега се прифаќам каква што сум и живеам задоволно и самоуверено“ – вели Худа.
Худа е родена во 1991-ва и сè до 12-тата година сè било нормално, но тогаш почнала да забележува дека расте повеќе од нејзините врсници. Слично како неа, и Мухамед на истата возраст почнал нагло да расте.
Иако престанал да расте во височина, сепак должината на неговите дланки и раце продолжила да се зголемува и така стасал до пропорции за светски рекорди.
„Сè ми се чини мало во дланките, дури и ракувањето со другите ме потсетува дека сум различен“ – вели Мухамед.
Кога станува збор за облеката, тие велат дека за нив сè мора да биде сошиено по мерка од страна на локалниот кројач.
Исто така, било востановено дека братот и сестрата сè уште растат и можеби би било потребно да одат на операции за да се сопре нивниот раст што е можно побргу.
Б. С. Б. | Црнобело