Инфлуенсерка предупредува: „Со моите ‘Инстаграм vs. Реалност’ фотки лажно промовираат производи за слабеење – ме претставуваат како клиент“
- Детали
- вторник, 08 јуни 2021
Инфлуенсерка на Инстаграм обвини повеќе брендови што нудат производи за нега за кожа и производи за диета, дека ги искористиле нејзините фотографии за нормализација на реалните тела во стилот на „пред и потоа“ фотографии, со што ветувале неверојатни резултати од нивните производи.
Данае Мерсер (33) која живее во Дубаи успеала да собере околу 2 милиони следбеници на Инстаграм што ги следат нејзините фотографии со коишто таа прикажува како позирањето, светлото и облеката може драматично да го променат изгледот на телото на фотографиите што таа ги објавува на социјалните мрежи.
Таа знае како малите промени може да го скријат целулитот, да создадат илузија дека има развиено тело, но и да направи нејзината фигура да изгледа поиздолжено и повитко.
Прочитајте повеќе: „Камерата лаже и ова е мојот целулит, сѐ е до аголот“ - сурово искрени фотографии
Но, вели дека некои од овие фотографии биле преземени од некои брендови во вид на „пред и потоа“ фотографии за да се прикаже наводно задоволен клиент што загубил килограми, ја измазнил кожата или заборавил на целулитот, благодарение на нивните производи или програми.
Данае која работи и како модел и новинар, на Инстаграм објави неколку такви брендови што ги користат нејзините фотографии, што таа ги нашла на интернет, а вели дека вакви примери среќава секоја недела.
Еден бренд ги искористил нејзините фотографии да рекламира пилули за слабеење и напишал дека таа наводно загубила 10 kg, друг објавил дека со нивна помош се ослободила од целулитот, а трети пак направиле дури и лажен приказ на производите со помош на нејзините фотографии.
„Во основа ова ми се случува во последните шест месеци. Последен пат ми се случи оваа недела - италијанска компанија ги користела моите фотографии за да го промовира нивниот производ против целулит. Ја ставија објавата на Facebook, па голем број од моите следбеници од Италија ми пишаа за тоа.
Како жена што говори многу за тоа дека треба да се сакаме себеси и за самодовербата во телото, навистина е фрустрирачко што тоа се случува. Брендовите што го прават ова не се грижат. Тие ми го крадат имиџот за да продаваат производи што се буквално против сè за што се заложувам“ – вели таа во изјава за FEMAIL.
Данае додава дека во моментов нема конкретно решение за овој проблем, но вели дека сака да им укаже на луѓето што се случува и да бидат внимателни, кога станува збор за вакви брендови.
Уште фотографии од брендови кои лажно ги промовираат своите производи, во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело