Се огласи девојката која со голи раце турна мечка: „Ми се стемни пред очи и не размислував, го повредив прстот кога ја турнав“
- Детали
- петок, 04 јуни 2021
Деновиве на социјалните мрежи беше објавено видео во кое имавме можност да видиме како една девојка со голи раце турна мечка од оградата во нејзиниот двор за да ги заштити своите кучиња.
За среќа, во инцидентот Хејли Моринико (17) завршила само со истегнат прст и изгребано колено, а видеото од безбедносната камера што беше објавено на ТикТок од страна на нејзината братучетка стана вистински хит на социјалните мрежи.
Таа беше контактирана од британските медиуми, а пресреќна е што по блиската средба со опасното животно завршила со толку мали повреди.
„Добро сум. Го истегнав прстот кога ја туркав мечката, но навистина по малку е комично. Ја туркаш мечката, се доближуваш до неа и завршуваш само со ова … Пресреќна сум што немаме (поголеми) повреди“ – вели Хејли.
Таа заедно со мајка ѝ Ситали се појави на Good Morning Britain и рече дека немала време за размислување кога ја видела мечката во градината и дека „ѝ се стемнило пред очите“ во моментот кога го турнала опасното животно.
„Во тој миг, искрено, видов дека е мечка, ама не регистрирав во главата дека мечката може да биде опасна или дека може да ме повреди или да ме убие. Само видов дека ми го вознемируваше кучето и морав да направам нешто за да го спасам кучето. Веднаш се втурнав во неа и немав време за размислување. Ми се стемни пред очи и прво нешто што помислив беше да ја турнам и навистина ми е мило што сè се заврши добро“ – вели таа.
Нејзините родители биле во непосредна близина кога се случил инцидентот, но не забележале дека нивната ќерка сама се впушта во таков опасен подвиг.
„Бевме низ градината. Тоа се случи на аголот од дворот и навистина беше неверојатно. Моите родители беа на неколку метри од мене и сè се случи набрзина. Имав среќа што мечката беше фокусирана на други работи, беше дезориентирана и јас наидов набрзина. Сè се случи пред кој било од нас да може да испроцесира што се случува“ – вели таа.
Нејзината мајка вели дека не ни забележала што се случува во градината и дека откако претходно имала напад на паника, сепак ѝ олеснало кога видела дека ќерка ѝ и кучињата не се повредени.
Таа вели дека кога влегла дома ќерка ѝ и кажала дека мечката за малку ќе го повредела кучето, па ја турнала. Мајката не била лута заради храбриот чекор на ќерката, туку само среќна што девојката останала со минимални повреди:
„Бев премногу благодарна што таа беше во ред и само сакав да ја прегрнам, мислам дека 50 пати отидов во нејзината соба за да ја гушнам. Уште имам кнедла во грлото секојпат кога ќе го погледнам видеото, гледам колку блиску била до смртта и навистина е застрашувачко“ – вели Ситали.
Инаку, видеото до сега е прегледано над 70 милиони пати. Сите што го погледнаа останаа збунети од храброста на оваа млада девојка.
Б. С. Б. | Црнобело