Некогашната Бонд девојка жали што направила пластични операции: „Сега сфаќам колку добро сум изгледала претходно“
- Детали
- сабота, 05 јуни 2021
Некогашната Бонд девојка, актерката Брит Екланд вели дека си го уништила изгледот откако се подложила на естетски корекции на лицето. Таа сега искрено говори дека жали за одлуката да оди на пластична операција.
Во интервју за Platinum magazine таа вели дека пластичните операции ѝ ја уништиле природната убавина. Напоменува дека никогаш повеќе нема да оди „под нож“ по застрашувачката процедура за пополнување на усните во Париз.
Шведската актерка вели дека очекувала полесна процедура, но вели дека лекарот ѝ вбризгал повеќе инјекции со Artecoil. Според лекарот тоа била нова метода, што се состоела од колаген.
„Сите имаат право на свој избор. Јас го направив тоа во 50-тите години, но не би помислила (да го направам тоа) повторно“ – вели таа.
Со оглед на тоа што процедурата била направена пред речиси 30 години, таа вели дека се свртела кон „исклучително болни“ инјекции со кортикостероиди со цел да го отстрани материјалот од нејзините усни. Таа признава дека ѝ се допаѓа како изгледала порано и додава:
„Кога ќе ги погледнам фотографиите од пред операцијата, сфаќам дека сум изгледала многу добро. Сега сфаќам, ама не можев да сфатам тогаш.“
Додава дека конечно ја прифатила идејата за достојно стареење.
„Сега се чувствувам одлично, подобро отколку што сум се чувствувала со години наназад – стареењето ни се случува на сите. Бесцелно е да се жалиме за тоа или да посакуваме да го промениме“ – вели таа.
Инаку, Брит стана популарна откако ја толкуваше улогата на Бонд девојка во филмот The Man With the Golden Gun од 1974, заедно со Роџер Мур.
Се појавува и во неколку други филмови од тоа време како The Night They Raided Minsky’s, Machine Gun McCain и Get Carter.
Во продолжение уште неколку фотографии од Брит во улогата на Бонд девојка:
Б. С. Б. | Црнобело