Малала Јусуфзаи: „Не сфаќам зошто мора да стапам во брак, татко ми постојано добива понуди од момчиња во Пакистан“
- Детали
- петок, 04 јуни 2021
„Сè уште не сфаќам зошто луѓето мора да стапат во брак. Ако сакате некој да биде во вашиот живот, тогаш зошто мора да потпишете документи за брак?“ - од искуствата на универзитетот, до идните планови за брак и основање семејство, но и за плановите на професионален план, младата активистка Малала Јусуфзаи говори за сопствените размислувања во искрено интервју за магазинот Vogue.
Дури и најмладата добитничка на Нобеловата награда не е имуна на прашањата што ќе прави понатаму во животот. На прашањето каде се гледа себеси по 10 години, таа на шега вели:
„Лежам во креветот и си мислам: ’Што ќе правам следно?‘“.
Шалот го носи од културлошки причини: „Тоа не значи потчинетост“
Малала, која сега има 23 години, во ексклузивно интервју за магазинот Vogue говори за искуствата од нејзиното високо образование на Оксфорд, но и за следните чекори во нејзиниот живот.
Пораката дека секоја девојка може да има право на глас и независност, таа ја споделува цели 13 години, уште кога започна со нејзината кампања за правата за образование на девојчињата од Пакистан на возраст од 11 години.
Во тој период, во градот Мингора во Пакистан што беше под власт на Талибанците, на сите девојчиња им беше забрането да одат во училиште. Поради тоа што одбиваше да се придржува до ова правило и се залагаше за своето право на образование, на возраст од 15 години Малала беше застрелана во главата, заедно со уште две нејзини соученички додека се враќаа дома од училиште во автобус.
Инцидентот се случи во октомври 2012-тата година, по што Малала веднаш беше пренесена на лекување во Бирмингем, Англија, каде потоа се пресели да живее заедно со нејзиниот татко Зијадин, мајката Тоор и помалите браќа Атал и Кушал. Таа се избори за животот и целосно закрепна, а по ова, уште пожестоко продолжи со нејзиниот активизам.
Нејзината автобиографија I am Malala беше објавена во 2013-тата година, само една година по обидот за убиство, и стана светски бестселер. На возраст од 15 години таа го основа фондот Малала, што ја однесе на патување околу светот во кое се бореше за образованието на девојчињата и водеше отворени кампањи за правото на образование, но и за ослободување на ученичките кои беа киднапирани од Боко Харам.
На 17 години ја доби Нобеловата награда, а истата година беше примена на универзитетот Оксфорд каде студираше политика, филозофија и економија. Сега, таа има 23 години.
Една година е дома, живее со нејзините родители – плановите за патувања се попречени поради светската пандемија, а времето го поминува играјќи видеоигри и размислувајќи што ќе прави понатаму.
Ќе снима документарни филмови, но и комедии
Покрај тоа што ќе продолжи со фондацијата Малала, младата активистка во интервјуто открива нешто ново. Во март годинава таа постигнала договор со Аpple TV за да отпочне сосема нова продуцентска компанија. Покрај сериозните документарни филмови со кои ќе го продолжи сопствениот активизам, ќе снима и нешто поинакво.
„Сакам овие шоуа да бидат забавни и нешто што јас би го гледала. Ако не се смеам или не уживам додека ги гледам, нема да ги ставам на екранот“.
Па така, таа открива дека покрај тоа што ќе снима документарни филмови за посериозни прашања, како образованието на девојчињата и правата на жените, таа сака да прави и комедии.
Според најавите, првите шоуа би можеле да ги очекуваме во текот на следната година.
Не може да сфати зошто мора да стапи во брак
Пред да започне со студиите на Оксфорд во 2017-тата година, директорката на Универзитетот ја прашала дали таа би сакала да биде испратена порака до студентите и да побара да ја почитуваат нејзината приватност.
„Не сакав да ме гледаат како некој што го гледаат на ТВ и онака како што другите луѓе ќе ја прикажат Малала. Сакав да ме гледаат само како уште еден студент“ – вели таа.
Сега, откако ги заврши студиите (со сите почести), таа меѓу другото говори и за тоа што ќе се случува во иднина на љубовен план. Вели дека во моментов се чувствува како сите нејзини пријатели да наоѓаат партнери, а таа не е сигурна што би сакала во иднина.
„По малку сум нервозна. Особено кога размислувам за врски. Знаете, на социјалните медиуми сите споделуваат приказни од врски, и станувате загрижени… Дали можете некому да му верувате или не и како можете да бидете сигурни“ – вели таа.
Понатаму вели дека нејзините родители имале „договорен брак“ и дека си се допаѓале еден на друг, а другото дошло само по себе. Таа не е сигурна дали ќе се омажи.
„Сè уште не сфаќам зошто луѓето мора да стапат во брак. Ако сакате некој да биде во вашиот живот, тогаш зошто мора да потпишете документи за брак, зошто тоа не може да биде само партнерство?“ – вели таа и додава дека нејзината мајка не се согласува со овие нејзини ставови.
Од друга страна, додава дека нејзиниот татко често добива пораки од потенцијални брачни партнери од Пакистан.
„Момчето вели дека има многу земја и многу куќи и дека би сакал да се ожени со мене. Сè до втора година на факултет, само мислев дека никогаш нема да се омажам и дека никогаш нема да имам деца – само ќе работам. Ќе бидам среќна и ќе живеам со моето семејство засекогаш. Не сфаќав дека цело време не сме истите личности. Се менувате и растете“ – вели таа.
За крај, Малала вели дека сите мораме да ја најдеме сопствената иднина. А за неа, како што гледаме, постојат поголем број опции.
Б. С. Б. | Црнобело