Италијанско село кое било потопено пред 70 години „исплива“ на површина – исушеното езеро откри остатоци од дното (фото+видео)
- Детали
- четврток, 20 мај 2021
Над 70 години италијанското вештачко езеро Ресија било туристичка атракција со камбанаријата на некогашната црква Санта Катерина д’Алесандрија која единствено останала да стои по поплавувањето. Деновиве на површина излегоа и другите остатоци од некогашното италијанско село Курон што било поплавено за на негово место да се изгради хидроцентрала.
Селцето Курон се наоѓа во северна Италија и било намерно потопено за на негово место да биде изградено вештачко езеро за хидроелектрана. Вештачкото езеро е познато под името Ресија и под огромната водена маса биле потопени околу 163 куќи како и дел од камбанаријата на црквата од 14-иот век.
Деновиве, наместо само дел од величествената камбанарија, целото некогашно село исплива на површината. Пред изградбата на браната селото било срамнето со земја, а неговите жители биле принудени да се преселат.
Моменталното исушување на езерото прикажува дел од селцето што се наоѓа во близина на италијанските Алпи. Поради работните зафати за одржување на цевките што носат вода до хидроцентралата, селото повторно стана видливо, односно она што останало од него.
По првичните најави за изградба на хидроелектраната, уште во 20-тите години на минатиот век, жителите се спротивставиле на одлуката, па дел од нив побарале и прием кај Папата.
Целта била да се изгради брана со којашто биле споени две природни езера за да се изгради локалната хидроелектрана. Околу 1.000 луѓе биле раселени од селото, а околу 400 од нив создале ново село во близина на некогашниот Курон. Браната била во целост завршена во 1950-тата година.
Езерото Ресија денес ја напојува хидроцентралата Глоренца. Од она што може да се види по техничките зафати е дека од оригиналните куќи останале само темелите и некои носечки ѕидови.
Сепак, локалното население слободно се движи на местото каде некогаш се наоѓало селцето, па така на социјалните мрежи се најдоа и поголем број видеа и фотографии од местото.
Освен тоа, италијанскиот весник Corriere della Sera објави видео на YouTube со снимки од селцето направени со дрон:
Повеќе фотографии од селото кое излезе на површина во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело