Како изгледаше синоќешната розова супермесечина кај нас и во другите земји? (фото)
- Детали
- вторник, 27 април 2021
Минатата ноќ на небото Месечината изгледаше поголемa, посветлa, како да ви е на допир. Феноменот е познат како супермесечина, а априлската супермесечина се нарекува и розова.
фото лево: Ѓорѓи Личовски
Овој месец полната месечина е супермесечина - тоа значи дека нашиот природен сателит изгледа поголемо од нормално. Според веб-сајтот SPACE, за време на овој феномен, полната Месечина може да изгледа 14 отсто поголема и 30 отсто посветла отколку кога е најоддалечена од Земјата.
Таа во текот на минатата ноќ беше оддалечена 384.400 километри од Земјата, што е 8 отсто поблиску од далечината на просечна полна Месечина.
Како што може да се забележи и на фотографиите во галеријата подолу, името нема никаква поврзаност со бојата на природниот сателит. Имињата на полната Месечина, како розова или жетварска, потекнуваат од домородното население во Америка и други постари култури, кои ги одбирале имињата според месецот во годината и она што ги потсетува на истиот.
Како што пишува НАСА, розовата полна Месечина своето име го добила од растението Phlox subulata или кај нас познато и како флокс цвеќе, што цвета во рана пролет.
Првата од само две супермесечини во 2021 година се појави минатата вечер, а втората ќе имаме можност да ја забележиме еден месец подоцна, или на 26-ти мај. Овој феномен кај нас успеал да го фотографира Ѓорѓи Личовски кој ја објави фотографијата на неговиот Инстаграм профил.
Во продолжение погледнете како изгледаше розовата супермесечина низ целиот свет:
Б. С. Б. | Црнобело / Фото: Ѓорѓи Личовски / The Guardian / The Sun