Принцот Луи ѝ позира на мама Кејт за 3-иот роденден – вози велосипед пред да тргне во градинка (фото)
- Детали
- петок, 23 април 2021
Со џемперче, кошула, велосипед и широка насмевка, принцот Луи позира пред првиот ден во градинка. Слатката фотографија, направена од Кејт Мидлтон, беше споделена како официјален портрет по повод неговиот трет роденден.
Денес, 23 април, принцот Луи полни три години. Тој е најмалото од трите деца на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон - сестра му Шарлот наскоро ќе полни шест години, а принцот Џорџ има седум години.
Како и секогаш, по повод неговиот роденден, беше објавен официјален портрет на профилот на Кензингтонската палата, а фотографијата е дело на Кејт Мидлтон. Наводно, Луи е фотографиран неделава, пред неговото прво одење во градинка.
Славеникот изгледа преслатко на фотографијата, облечен во џемперче и кошула, во комбинација со кратки панталони. А, кога ќе ги споредите портретите од претходните две години, се гледа дека Луи многу пораснал.
Не е познато како кралското семејство ќе го прослави посебниот ден, но поради пандемијата и смртта на принцот Филип, веројатно ќе го поминат во домашна атмосфера, само со најблиските.
Градинката во којашто оди Луи е позната како Willcocks, а таму одеше и сестра му Шарлот пред да тргне на училиште. Кејт и Вилијам плаќаат најмалку 10.000 долари годишно за оваа градинка, која е толку популарна во Англија, што родителите ги запишуваат децата од моментот кога ќе се родат.
Спирова С. | Црнбело