Фото на денот: Ученици во Шпанија имаат настава на плажа – децата се пресреќни
- Детали
- четврток, 22 април 2021
Месецов едно училиште од Шпанија започна доста интересен проект - наместо во училници, наставниците ги одржуваат часовите на плажа, а и тие, и учениците се пресреќни.
Оваа училишна година беше поразлична од која било – во некои држави училиштата беа целосно затворени, на некои места има онлајн настава, оние кои имаат часови во училница мораат да носат маски и да држат растојание…
Сето ова дефинитивно има големо влијание врз децата, но едно училиште во Шпанија спроведе проект што дефинитивно ќе им ги разубави училишните часови на малите ученици.
Учениците од училиштето Felix Rodriguez de la Fuente, кое се наоѓа во југоисточниот дел на Шпанија, имаат настава на плажа. Бидејќи училиштето е лоцирано веднаш до плажата, за наставниците е релативно лесно да ја организираат наставата.
На плажата се поставени училишни клупи на соодветно растојание, дечињата носат маски, а наставниците пишуваат на преносливи табли.
„Безбедно е, а децата се среќни и се забавуваат. Она што ќе го научат овде, сигурно нема да го заборават“, изјави наставник по англиски од училиштето.
Наставниците почнуваат да ја подготвуваат „училницата“ во осум часот наутро, а еден училишен час трае околу 20-тина минути. Во еден ден се одржуваат осум вакви часови.
Децата се на возраст од 3 до 12 години и не се мешаат со ученици од други одделенија, а наводно, од почетокот на проектот пред недела-две, нема ниту еден заразен.
Покрај обидите на наставниците, и локалните жители кои живеат во близина се обидувале да им го разубават денот на малите ученици. На пример, локалните рибари со задоволство им покажувале како се лови риба.
„Рибарите ги научија децата како се лови риба. Им покажаа како ни помагаат да добиеме храна за време на пандемијата“, сподели директорот на училиштето.
А, и самите деца се восхитени од целиот проект:
„Многу сакам да одам на плажа! Повеќе ми се допаѓа плажата од училницата бидејќи е поудобна и релаксирачка“, вели 9-годишен ученик.
„Ова е прекрасно бидејќи сме со пријателите на плажа, а многу ја сакам плажата. Во лето секој ден доаѓам тука за да пливам и многу го сакам песокот“, вели 10-годишна ученичка.
Училницата на плажа е всушност дел од поголем проект, познат како Aire Limpio (свеж воздух), чија цел е да им се овозможи подобар воздух за дишење на децата, и со тоа да се намали ризикот од зараза. Засега не е познато дали и други шпански училишта ќе пробаат да држат часови на плажа.
Спирова С. | Црнобело