Спасени двајца мажи и жена кои биле заглавени 1 месец на пуст остров и јаделе само кокоси (фото+видео)
- Детали
- среда, 10 февруари 2021
После бура што им го потонала бродот, двајца мажи и една жена поминале цел месец „заглавени“ на пуст остров, а преживеале јадејќи само кокоси.
Во вторникот, 9-ти февруари, беа спасени двајца мажи и една жена од пуст остров на Бахамите, на кој поминале цели 33 дена.
Мажите и жената, кои потекнуваат од Куба, патувале со брод, но после бура бродот потонал, па испливале до пустиот остров.
Кога пристигнала спасувачката екипа, мажите и жената изјавиле дека преживеале јадејќи само кокоси.
Тие биле забележани во понеделник, од хеликоптер на американската крајбрежна стража кој летал над островот.
Тројцата Кубанци вееле големо знаме обидувајќи се да му го привлечат вниманието. Камерата на хеликоптерот го уловила овој момент, а на објавените фотографии, покрај тројцата луѓе, се забележува и шаторот што си го направиле за засолниште.
„Американската крајбрежна стража ги спаси тројцата Кубанци кои беа заглавени на Anguilla Cay. Хеликоптерот ги пренесе двајцата мажи и жената во медицински центар и кај нив не се забележани повреди“.
https://twitter.com/USCGSoutheast/status/1359273440964927488
Според екипажот на хеликоптерот, тие правеле рутинска проверка кога ги забележале тројцата луѓе.
Со помош на падобран, веднаш им испратиле храна, вода и радио станица (токи-воки) за да можат да комуницираат, а следниот ден се вратиле на островот со медицински лица и ги спасиле. Тие го снимиле и моментот кога им ги фрлаат залихите од хеликоптерот.
„Американската крајбрежна стража им помага на тројца луѓе кои се заглавени на Anguilla Cay на Бахамите 33 дена“, пишува на објавата на официјалниот Твитер профил на крајбрежната стража.
https://twitter.com/USCGSoutheast/status/1359177990547120135
За среќа, ниту еден од нив не е повреден, а пилотот на хеликоптерот не можел да се начуди на целата ситуација:
„Не се сеќавам дека некогаш сме спасиле луѓе кои биле заглавени на пуст остров цел месец. Ова е потполно нова ситуација за мене“, изјави тој.
Засега нема други информации за тројцата Кубанци и за тоа како се справиле со целата ситуација.
Спирова С. | Црнобело