Последните жени во светот кои си ги тетовирале лицата со тажна причина - каква приказна стои зад оваа традиција?
- Детали
- недела, 21 февруари 2021
Повеќе од 1000 години, жените од група племиња во Мјанмар ги тетовирале своите лица, а постојат неколку легенди за настанувањето на оваа традиција.
Со оглед на тоа што праксата била забранета од владата во 1962-ра година, останати се само уште неколку жени чии лица се прекриени со тетоважи.
Тетовирањето во клановите почнувало уште од 12-годишна возраст.
Потеклото на оваа традиција е непознато до денес, но постојат неколку приказни и легенди што се обидуваат да го објаснат.
Според BBC, во минатото еден крал го посетил регионот и бил толку импресиониран од убавината на девојките, што киднапирал една за да му стане жена. Родителите, за да ги заштитат своите ќерки од оваа злоупотреба, решиле да ги прекријат нивните лица со тетоважи, како би биле помалку атрактивни.
Друга, слична легенда вели дека жените ги тетовирале лицата за да се разликуваат од жените од другите племиња, во случај некоја од нив да била киднапирана. Односно, на овој начин племињата не би можеле да киднапираат жени од други племиња, бидејќи тетоважите на лицето ќе го откријат нивното вистинско потекло.
Постои верување дека тетоважите биле и како знак за убавина, но и дека имале религиозна симболика.
Овие луѓе живеат во областа наречена Чин и се поделени на шест племиња, а жените од секое племе имаат тетоважи со различни симболи.
За BBC, неколку од жените го споделиле нивното искуство со тетовирањето:
„Лицето ми беше отечено една недела, но не ми пречеше. Тогаш мајка ми ми рече дека со овие тетоважи ќе можам да си најдам добар сопруг“.
„Ми ги направија тетоважите кога имав околу 12 години. Беше многу болно и лицето ме болеше пет дена. Не помислував зошто мора да ми го тетовираат лицето – едноставно, тоа беше традиција што ја следеа сите девојчиња на моја возраст. Ќерка ми нема тетоважи и мислам дека на помладите луѓе овие тетоважи не им се убави како што ни се нам“.
Како што напоменавме, властите во Мјанмар ги забраниле овие тетоважи, најмногу бидејќи ги сметале за варварски. Што значи, овие жени се последната генерација со тетоважи на лицето.
М. Д. | Црнобело