Маж и жена од Англија ја прославија 80-тата годишнина од бракот – тие се најдолго венчаниот пар во државата
- Детали
- понеделник, 01 февруари 2021
Во јануари годинава, маж и жена од Англија ја прославија 80-тата годишнина од нивниот брак, со тоа станаа најдолго венчаниот пар во државата, а по тој повод добија и честитка од кралицата.
100-годишниот Рон Голајтли и 98-годишната Берил се запознале во тинејџерските години, и тоа само затоа што еден пријател на Рон ѝ довикнал и свирнал на Берил на улица, бидејќи сметал дека изгледа убаво.
Тогаш 14-годишната Берил се свртела да види што се случува, а кога го здогледала Рон, вели дека се вљубила на прв поглед. Оттогаш, Рон и Берил се неразделни.
Тие се венчале во 1941-ва, во период кога Рон требало да служи во Втората светска војна.
„Штом го видов, знаев дека ќе се венчам со него. Јас имав 14, а Рон 16 години и тоа навистина беше љубов на прв поглед. Неколку денови подоцна повторно разговаравме и отидовме на прошетка, и уште тогаш станавме пар. Кога првпат го видов, помислив дека тој ми свирна, а јас веднаш се вљубив во неговата насмевка“, вели Берил за нејзиниот сакан.
Поради воениот рок што требало да го служи Рон, парот ја направил венчавката во последен момент – немале време да организираат никаква прослава, ниту да најдат фотограф за нивниот голем ден.
„Се венчаваме кога имав 18 години. Не се ни сеќавам дали Рон ме запроси. Едноставно, почнавме да си зборуваме за заедничката иднина, кога ќе бидеме маж и жена“, вели Берил.
Рон и Берил имаат две ќерки, шест внуци, десет правнуци, како и еден пра-правнук.
На 8-ми јануари годинава тие ја прославија 80-тата годишнина од нивниот брак, а добија и посебна честитка од кралицата Елизабета. Интересно е што ова е дури четвртата честитка што ја добиле од кралицата – тие добиле честитка за 70-тата и 75-тата годишнина од бракот, како и за 100-иот роденден на Рон.
Берил вели дека тајната за нивниот долг и среќен брак е комуникацијата, а за нивната долговечност – здравата исхрана и многу вежбање.
„Секогаш зборуваме за проблемите и сметам дека тоа е клучно. Мора да комуницирате и да разговарате со партнерот. Мислам дека луѓето сè помалку зборуваат едни со други“.
Берил вели и дека иако поминале 80 години, таа и Рон се вљубени исто како на првиот ден.
Според Су, ќерката на Берил и Рон, целото семејство е многу блиско, па им било особено жАл што поради пандемијата не можеле да го прослават големиот ден заедно.
Истовремено, таа смета дека нивната слатка приказна за запознавањето би изгледала многу поразлично во модерно време.
„Мислам дека денес никој не би се осмелил да се запознае како нив. Ако некој ви довикне или свирне на улица, поверојатно е дека ќе ве исплаши“.
Су вели и дека едната од тајните на нивниот долг и среќен брак е и љубовта што ја чувствуваат еден за друг.
„Тие беа вљубени и уште се вљубени. Тоа никогаш не се променило и сметам дека најмногу поради тоа останаа толку долго заедно“.
Спирова С. | Црнобело