9-годишно девојче со аутизам има повисоко IQ од Ајнштајн и веќе учи на два факултета
- Детали
- понеделник, 25 јануари 2021
Адара Перез Санчез од Мексико има 9 години, Аспергеров синдром и коефициент на интелигенција 162. Запишана е на два факултета, а наскоро се надева дека ќе биде примена на Универзитетот во Аризона каде што ќе учи астрономија, но и дека некогаш ќе добие работа во НАСА.
Адара Перез Санчез има само 9 години, а нејзиниот коефициент на интелигенција е 162 – поголем од оној на нејзиниот најголем идол, Алберт Ајнштајн.
Кога Адара имала околу 4 години, била дијагностицира со Аспергеров синдром - едно од нарушувањата во аутистичкиот спектар, а училишните денови биле особено тешки за неа. Нејзините соученици ја нарекувале „чудна“ и ја исмејувале, а наставниците не верувале дека ќе постигне многу.
Кога мајка ѝ, Налели Санчез, видела со свои очи како соучениците ја третираат Адара, сфатила со какви проблеми се соочува нејзината ќерка. Девојчето било толку тажно, што ѝ рекло на мајка си дека повеќе не сака да оди на училиште.
Мајка ѝ знаела дека на Адара ѝ оди математика и дека ја интересира хемија, па решила да го однесе девојчето на психијатар.
Таму Адара ја добила дијагнозата, а психијатарот предложил да направат и тест за интелигенција, со што го утврдиле нејзиниот голем коефициент.
На родителите на Адара им кажале дека нивното девојче е способно да учи според посебна, понапредна програма, а благодарение на нејзиниот капацитет, таа завршила средно училиште на само осум години.
Потоа, во 2019-та, Адара се запишала на два онлајн факултета истовремено, изучувајќи индустриско инженерство и математика.
Желбата на ова младо девојче е да стане астрофизичар и, како што вели самата, да се обиде да направи позитивна промена во светот. За нејзината приказна дознале и од НАСА, па Адара добила покана да го посети вселенскиот центар во Тексас, а ѝ понудиле и да изучува астрономија на Универзитетот во Аризона.
Адара ги прифатила и двете понуди и сега се обидува да го совлада англискиот пред да почне со следниот голем предизвик. Според нејзината мајка, Адара ќе го полага примениот испит за околу една година.
Лани Адара одржала предавање за црни дупки на еден од универзитетите во Тихуана, а присутните останале без зборови од нејзиното знаење:
„Се изненадив што таа е толку мало девојче, а знае повеќе од кој било возрасен, и учи два факултета“, изјавила студентка која присуствувала на предавањето.
Црпејќи инспирација од нејзината ситуација, минатата година Адара почнала да работи на уред што ќе им помогне на децата со аутизам:
„Правам нараквица што ги ’мери‘ емоциите на децата со аутизам, па родителите ќе можат да откријат како навистина се чувствува нивното дете“, вели таа.
Во 2019-та, ова неверојатно девојче се најде и на листата на Forbes за 100-те најмоќни жени во Мексико.
Младото девојче има напишано и книга, исто инспирирана од нејзиното искуство, со наслов Do Not Give Up (Не се откажувај) и се надева дека после студиите ќе има можност да работи во НАСА, па дури и да биде дел од мисија до Марс.
За сите кои се соочиле со многу тешкотии во животот, Адара има само еден совет:
„Не се откажувајте. И, ако не ви се допаѓа каде се наоѓате сега, почнете да планирате каде сакате да бидете“.
Прочитајте и 11-годишно девојче од Иран има повисоко IQ од Ајнштајн и Хокинг
Спирова С. | Црнобело