„Сакам повеќе време со тато“ – Маж се расплакал кога го прочитал писмото на неговиот син до Дедо Мраз
- Детали
- понеделник, 07 декември 2020
Очекувајќи листа со подароци, еден маж останал без зборови кога го прочитал писмото до Дедо Мраз на неговото синче, кое само сакало да минува повеќе време со татко му.
фото: depositphotos.com
Еден маж кој работи како доставувач за UPS во САД решил да го ѕирне писмото што неговиот син му го напишал на Дедо Мраз. Тој очекувал како и повеќето деца, и неговото да има побарано играчки, но останал без зборови кога ја сфатил желбата на син му.
Мажот веројатно сакал да провери каков подарок посакува неговото дете за да може да му го купи скришно, но наместо тоа, налетал на срцепарателно писмо кое решил да го сподели на Reddit.
„Работам како доставувач за UPS и се расплакав кога го отворив писмото до Дедо Мраз на нашиот син“, напишал тој.
Мажот споделил и фотографија од писмото на кое пишува:
„Драг Дедо Мраз,
Многу би сакал да минувам повеќе време со тато, па многу би сакал и навистина ќе ценам ако можеш да му помогнеш порано да си замине од работа, бидејќи е доставувач и луѓето порачуваат толку многу подароци. Па би сакал ако можеш да му помогнеш како било“.
Според коментарите, ни другите корисници на форумот не останале рамнодушни, а многумина споделиле дека го сфаќаат детето бидејќи и тие едвај ги гледале нивните татковци во детството:
„Ова ми го стопи срцето. Многу добро го разбирам. Татко ми работеше ноќни смени многу често додека бев дете. Се надевам дека ќе му ја исполниш божиќната желба на твоето дете“.
„Се надевам дека секој родител на овој форум ќе има шанса да го прочита ова. Се надевам дека ќе сфатат дека децата, особено ако се проблематични, најчесто бараат нешто многу едноставно. Одвојте време за нив, дури и ако е само еден миг“.
„Во слична ситуација бев. Додека растев го гледав татко ми еднаш на неколку месеци бидејќи работеше во друга држава. Потоа даде отказ, купи ресторан и имаше повеќе работа, но барем беше до мене. Еднаш рече дека дал отказ бидејќи сфатил дека станува како татко му, кој никогаш не бил дома“.
Мажот одговорил на дел од коментарите, изјавувајќи дека:
„Ова писмо навистина ми ги отвори очите за некои работи“.
Некои корисници се обиделе и да го утешат натажениот татко, велејќи му дека неговото синче сигурно не му замерува, туку е свесно колку тој се труди за семејството.
Спирова С. | Црнобело