81-годишен дедо ѝ свирел серенади под болничкиот прозор на сопругата, во последните мигови од животот (видео)
- Детали
- вторник, 01 декември 2020
Тој не можел да ја посети сопругата која ги минувала последните денови во болница, па под прозор ѝ свирел серенади и нејзините омилени песни - колку е голема оваа љубов? Емотивно видео кое ќе допре до сечие срце...
Пандемијата нè оддалечи од нашите сакани, но ситуацијата е уште полоша за оние кои немаат можност да ги поминат ни последните мигови од животот со своите најблиски.
Во слична положба бил и 81-годишниот Стефано Боцини од Италија, чија сопруга ги минувала последните денови од животот во болница. Поради пандемијата, Стефано не можел ни да ја посети, но ова не го спречило да ѝ покаже колку ја сака.
Стефано седнал под прозорецот од собата на сопругата Карла и на хармоника ѝ свирел љубовни песни. Тој ги свирел омилените песни на Карла, а неговиот син направил и видео од емотивниот настап.
На почетокот од ноември, синот на Стефано – Маурицио Боцини – му го испратил видеото на еден пријател кој, пак, го објавил на Facebook. Видеото брзо се прославило низ Италија и скоро секој што го изгледал бил воодушевен од гестот на Стефано.
-->Posted by Valerio Marangon on Sunday, November 8, 2020
За жал, кон крајот на минатиот месец Карла починала на 74-годишна возраст, а била погребана на 28-ми ноември. Но, видеото со серенадата е толку емотивно, што кратко по смртта на Карла се огласила и градоначалничката на Пјаченца – град во непосредна близина на гратчето каде што живее Стефано. Таа била толку трогната од целата ситуација, што објавила фотографија од Стефано и сопругата изјавувајќи:
„Приказната на Стефано и неговата сопруга Карла го обиколи светот. Во серенада под болничкиот прозорец сите ја препознаваме љубовта“.
Градоначалничката Патриција Барбиери го искористила моментот да му се заблагодари на Стефано:
„Ти благодарам господине Стефано за тој сладок гест што нè потсети колку е важна љубовта. Да направиш сè за другата личност да не се чувствува сама, да ја надминеш секоја пречка“.
На крај, таа вели дека музиката на Стефано допира до сите нас и неговиот гест ќе се помни уште многу долго, а ќе ни служи и како пример.
Спирова С. | Црнобело