Исповед на мајка за синот кој е постојано гладен поради нарушување: „Го заклучувам фрижидерот, правам сѐ за да го спасам“
- Детали
- среда, 18 ноември 2020
Најстариот син на поранешниот модел Кети Прајс, 18-годишниот Харви, има нарушување поради кое постојано е гладен. Сега Кети е исплашена бидејќи лекарите ѝ рекле дека Харви нема да живее уште долго ако не ја намали тежината, а таа се бори со сета сила да му помогне во ова и воедно упатува апел за сериозноста на овој проблем, како и за тоа дека луѓето треба да престанат да ги исмеваат овие луѓе заради вишокот килограми.
Кети Прајс е мајка на пет деца – три од нив доби со поранешниот партнер Двајт Јорк, едно со поранешниот сопруг Питер Андре и уште едно со другиот поранешен сопруг Киран Хајлер.
Најстарото дете на Кети е Харви, кој сега има 18 години и се соочува со неколку здравствени проблеми.
Имено, Харви се справува со синдром на невнимание и хиперактивност (АДХД), има проблеми со видот, но и нарушување поради кое не може да го контролира неговиот апетит. Поради нарушувањето, Харви има 180 килограми и е во животна опасност.
Кети отсекогаш отворено зборувала за проблемите и предизвиците со кои се соочува најстариот син.
„Ова е сурова болест. Харви постојано е гладен. Секојпат кога му давам храна, го убивам. Мора да ослабе или ќе умре. Тој не го заслужува тоа, не сакам да го изгубам. Има само 18 години, цел живот е пред него. Ќе направам сè за да му помогнам“.
Неодамна Кети сподели дека само последниве два месеци Харви значително ја зголемил неговата тежина, со тоа зголемувајќи го и ризикот да добие инфаркт.
Поради тоа Кети нагласува дека сега, повеќе од кога било, е важно Харви да ослабе.
Сепак, овој подвиг не е воопшто лесен ниту за Харви, ниту за неговата мајка, најмногу бидејќи тој не сфаќа дека навистина мора да изгуби тежина. Кети се обидувала да му го ограничи внесот на храна, но кога го правела тоа, Харви бил гневен.
„Ако не добие храна, станува многу гневен. Почнува да крши ако му речам не. Морав да ги поправам ѕидовите во домот бидејќи удира во нив со главата и прави дупки“.
Кети се обидувала да му дава поздрава храна, но тој ја препознавал разликата во вкусот, па сето тоа било залудно. Таа дури морала да стави клуч на фрижидерот за да го спречи да се прејадува.
„Не е проблем што јаде во текот на денот, проблем е што јаде кога не го гледам. Не можам да оставам храна на масата бидејќи ќе ја изеде. Некогаш дури јаде и додека спие. Ќе се симне на долниот кат и ќе изеде што и да најде. Еднаш, пак, го фативме како бара храна во ранецот на еден пријател“.
Дебелината веќе почнала да влијае врз здравјето на Харви, а Кети е сè позагрижена.
„Кога се качува по скали се поти и не може да дише. Навистина сум загрижена за тежината на Харви бидејќи многу му наштети“.
Во јуни годинава, Харви заврши на интензивна нега откако му се појавиле проблеми со дишењето. Почувствувал силна болка во градите, му се качила температурата, а лекарите биле убедени дека има оштетување на органите.
Цели десет дена Харви останал во болница и постојано бил надгледуван од осум разни лекари. Во тие моменти, Кети почнала да мисли дека ќе го изгуби синот.
Во јули, после вознемирувачки настан, Кети изјави дека ќе прави сериозни промени во животните навики на син ѝ за да му помогне да ослабе.
На почетокот од ноември, пак, таа бараше да изнајми опрема за вежбање бидејќи поради пандемијата, во Англија повторно ќе се затвораат сите теретани.
Како здравствените проблеми да не се доволни, Харви неретко е исмејуван и малтретиран поради неговиот изглед. На пример, неодамна се појави видео во кое еден маж сурово му се потсмева на младото момче.
„Го малтретираат бидејќи е дебел, има темна кожа и има попреченост во развојот. Не можам ни да опишам колку сум разочарана“, изјави тогаш Кети за познат светски медиум откако го пријавила настанот во полиција.
Јавноста беше згрозена од недоличното видео, а на 5-ти ноември мажот кој го направил видеото беше уапсен.
Поради неговата состојба, Харви живее во дом за лица со посебни потреби, а откако почна пандемијата, тој престојува со неговата мајка.
Уште од неговото раѓање, Кети сама се грижи за Харви. Неговиот татко, фудбалерот Двајт Јорк, ги напуштил уште одамна.
„Тој е одвратен човек штом не сака ни да го запознае неговиот син“.
Неодамна Кети заврши со снимањето на документарец, во соработка со BBC, насловен Katie Price: Harvey and Me, со цел да му покаже на светот како изгледа животот со нарушувањето на нејзиниот син.
Таа смета дека гледачите ќе бидат пријатно изненадени бидејќи во документарецот е прикажана и забавната страна на Харви, а не само бројните проблеми.
Спирова С. | Црнобело