Медицинската сестра, која стана вирален хит и симбол за борбата со корона, наградена на фестивалот во Венеција
- Детали
- понеделник, 07 септември 2020
Алесија Бонари е медицинска сестра од Италија која уште во март ни покажа како изгледа битката на медицинските лица со корона вирусот.
Тој период таа објави фотографија на која јасно се гледаат модринките на нејзиното лице, предизвикани од заштитната опрема. На некој начин, таа стана лицето на здравствените работници ширум целиот свет, а сега си го доби и заслуженото признание.
На овогодишното издание на Филмскиот фестивал во Венеција, Алисија ја доби наградата Diva e Donna за личност на годината. Алисија изгледаше неверојатно на црвениот тепих, а интересно е што и тогаш ја покажа нејзината посветеност кон работата:
„Многу сум среќна и да, сето ова е сон. Но, утре се враќам во Милано. На работа“, изјави таа.
Алесија била во Венеција само 48 часа, пред повторно да се врати во првите редови во борбата против корона вирусот. Со ова, уште еднаш докажа дека наградата навистина ѝ е заслужена.
Спирова С. | Црнобело