Се одржа првиот концерт со социјална дистанца – дали вака ќе изгледа новата реалност и кај нас?
- Детали
- понеделник, 17 август 2020
Кога започна пандемијата, одржувањето концерти не доаѓаше предвид, но изгледа Британците нашле решение за овој проблем.
Единственото што можеме да го направиме за да се заштитиме од новиот корона вирус е носењето маски и социјалното дистанцирање. Поради ова, одржувањето концерт изгледа како невозможна мисија. Сепак, во Велика Британија се одржа концерт, каде што посетителите можат да држат дистанца.
Бидејќи е тешко да натерате стотици луѓе да стојат подалеку едни од други, за овој концерт се инсталирани платформи, на кои можат да се сместат најмногу 5 луѓе. Платформите се доволно оддалечени една од друга, така што посетителите не мора да имаат никаков контакт со другите.
Публиката е сместена на површина од 45.000 метри квадратни, а се поставени 500 вакви платформи. На овој начин, во концертот можат да уживаат 2.500 луѓе.
Кога го купуваат билетот, на посетителите им се кажува кога точно да пристигнат на настанот, а кога ќе стигнат, одговорното лице ќе ги однесе до нивната платформа.
На овој начин се избегнува метежот и можат да се почитуваат мерките за дистанцирање. Ако некој одлучи да го напушти концертот пред крајот, потоа нема да може да се врати.
На секоја платформа има столчиња, а организаторите нашле решение и за порачувањето пијачки – можете да нарачате од специјална апликација и потоа или сами ќе си ја земете пијачката, или ќе ви ја донесат до платформата.
„Задоволство ни е што имаме улога во враќањето на концертите во живо. Ова е уникатна можност да се слават музиката и прекрасните емоции кои доаѓаат додека уживаме во неа со други музички фанови“, изјави Хелен Пејџ, маркетинг директорот на настанот.
Досега видовме обиди за онлајн концерти, а во некои држави се одржаа и „драјв-ин“ концерти, каде што посетителите доаѓаат со автомобил и седат внатре додека трае настанот. Сепак, ова е прв „традиционален“ концерт на отворено кој се одржа среде пандемијата.
Посетителите биле навистина задоволни, но некои изјавиле дека сепак недостасува турканицата што е препознатлива за концертите. И покрај ова, билетите за следните најавени концерти се продавале многу брзо.
Што мислите, дали оваа идеја е безбедна и дали би можела да се примени кај нас?
Спирова С. | Црнобело