Медицинската сестра што ги спаси бебињата во Бејрут: „Трчав низ 4 ката и одев 5km пешки со нив“
- Детали
- четврток, 13 август 2020
Приказната за медицинската сестра која ги спаси трите бебиња по експлозијата во Бејрут вирално се рашири, а сега таа открива низ какво искуство поминала.
Медицинската сестра Памела Зејнон е вистински херој – таа извлече две близначиња и уште едно бебе од инкубатор за да ги спаси веднаш по експлозијата во Бејрут.
Откако ги извадила од инкубатор, таа трчала по скали низ 4 ката, држејќи ги на гради бебињата, а сега ниту едно од нив нема ниту гребнатинка.
„Кога се случи експлозијата, сѐ беше уништено, таванот падна на земја, по подот имаше сѐ и сешто, некои инкубатори се превртеа, никој не знаеше што се случи, не знаевме дека е бомба. Одев со нив 5km пешки до најблиските болници за да им помогнат на бебињата. Но, сите беа во колапс.
Потоа најдов автомобил и ме однесоа до болница која беше подалеку. Луѓето по улиците ги соблекуваа маиците и ми ги даваа за да ги покријам бебињата бидејќи имаа само пелени на нив. Одев наоколу 1 час, но најважно ми беше да ги спасам децата и да ги стоплам.“ – открива Памела во интервју.
Мајките на децата мислеле дека нивните бебиња не преживеале, а кога повторно се обединиле, на среќата ѝ немало крај.
Најдоброто е што на ниту едно од бебињата не му се случило ништо, како да не постоела експлозија, а медицинската сестра добива огромна поддршка, што ѝ помага полесно да помине низ траумата која ја доживеала.
„Се плашев цело време по пат, но морав да бидам силна“ – признава таа, а мајките на бебињата ѝ се бескрајно благодарни за нејзината пожртвуваност.
М. М. | Црнобело