Светлосни години пред нас: Во кафетерија во Јужна Кореја робот прави и служи кафе (видео)
- Детали
- четврток, 28 мај 2020
Со цел да се почитуваат мерките за дистанцирање, во една кафетерија во Јужна Кореја „вработиле“ робот кој прави и служи кафе.
Пандемијата сè уште е во ек, а државите ширум светот почнуваат да се адаптираат на новиот начин на живот. Во голема мера, рестриктивните мерки се разлабавени, но уште треба да го почитуваме правилото за социјално дистанцирање, а во овој случај роботите се покажуваат како одлични помошници.
Роботот од кафетеријата во Јужна Кореја е дело на фирмата Vision Semicon, а според нив, целосно ја намалува потребата од интеракција помеѓу луѓе.
Наводно, роботот работи без „помош“ од луѓе, а масите во кафетеријата се доволно оддалечени едни од други за тој слободно да минува помеѓу нив.
Целиот систем е составен од роботска рака која може да направи 60 разни видови кафе, и подвижен дел кој има улога на келнер. Уште подобро е што роботот работел навистина брзо – за нарачка од шест пијалаци, му биле потребни само околу седум минути.
За да порачаат нешто од роботот, луѓето не треба воопшто да го допираат, туку само да му кажат што сакаат.
Благодарение на него, пак, во кафетеријата сега има само еден вработен човек, чија задача е да ја одржува хигиената и да го „полни“ роботот со потребните состојки за кафе.
Идејата е одлична, иако кај нас веројатно не би била добро прифатена, бидејќи тоа значи дека голем број од персоналот во угостителските објекти би останал без работа. Сепак, Јужна Кореја уште еднаш покажа дека е светлосни години пред нас.
Од компанијата се надеваат дека годинава ќе успеат да дистрибуираат барем 30 вакви роботи низ разни локали.
Спирова С. | Црнобело