„Ти нацртав виножито за да знаеш дека не си сам“ - 5-годишно девојче му напишало слатко писмо на 93-годишен дедо во изолација
- Детали
- петок, 10 април 2020
Понекогаш се чини дека карантинот го вади најдоброто од луѓето – бидејќи сите сме во „иста каша“, полесно сочувствуваме со другите, повеќе се грижиме за туѓите чувства, но и за здравјето и безбедноста на сите околу нас.
Ова го докажува и приказната што ја сподели една учителка.
22-годишната Луиза Меј е наставничка која има 93-годишен дедо. Неделава, таа на Twitter ја сподели можеби најслатката карантинска приказна.
Наводно, нејзиниот дедо, кој е во изолација, добил писмо од неговата сосетка. Она што е интересно е што сосетката има само 5 години и била загрижена за состојбата на дедото.
„Дедо ми има 93 години и сега е во изолација, но е со одлично здравје, и го доби најубавото писмо од неговата 5-годишна сосетка“, стои во објавата на Луиза.
„Здраво, моето име е Кира.
Имам 5 години и морам да останам дома поради корона вирусот. Само сакав да проверам дали си во ред? Ти нацртав виножито за да те потсетам дека не си сам. Те молам пиши ми ако можеш.
Од твојата сосетка во стан 9“, напишало загриженото девојче.
Дедото, пак, го израдувал малото девојче со одговор:
„Здраво Кира, ми беше драго што ја добив твојата порака каде што ме прашуваш за моето здравје, и со задоволство сакам да ти кажам дека досега сум добро. Како тебе, и јас сум во изолација, па добро е да се слушне дека се грижиш за мене.
Моето име е Рон и имам 93 години и сум првата личност која се всели овде во 1955-та, и живеам овде оттогаш. Ситуацијата со корона вирусот е многу лоша и мораме да го дадеме најдоброто од нас за да ја надминеме и со надеж да излеземе од неа со добро здравје.
Сметам дека твојот цртеж со виножито е неверојатен и ќе го поставам на прозорецот за луѓето да можат да го видат.
Сакам уште еднаш да ти се заблагодарам што ми напиша писмо и се надевам дека наскоро ќе можеш да излезеш од изолација“, напишал дедото во неговиот одговор.
Изгледа сите можеме да научиме нешто за емпатијата од ова мало девојче.
Спирова С. | Црнобело