Хотел во Швајцарија нуди луксузен 14-дневен карантин по цена од 77.000 долари
- Детали
- сабота, 28 март 2020
Хотелите Le Bijou се познати по слоганот „Хотелска услуга без други луѓе“. Односно, овие хотели, уште пред пандемијата, се направени на тој начин што гостите можат да избегнат секаков контакт со луѓето.
А, бидејќи принципот на работа многу наликува на карантин, од хотелот решиле да понудат и таква опција.
Според коосновачот Александер Хубнер, не требало многу подготвување за оваа нова „КОВИД-19 услуга“.
Хотелите се распространети низ Швајцарија, а Александер ги опишува како „луксузни апартмани од Airbnb“. Сите се опремени со кујна, сауна, џакузи, камин и теретана.
Освен хигиеничарите, хотелите оперираат без никаква послуга. Всушност, немаат ни рецепција.
Александер вели дека гостите имаат приватна апликација преку која можат да порачуваат храна, намирници, масажи, такси, или што било, без да мора да контактираат со други. Нормално, некои од услугите биле повлечени поради новонастанатата ситуација.
„Идејата е престојот да биде целосно автоматизиран, така што гостите не мора да гледаат други луѓе“, вели Александер.
Тој сметал дека понудата за карантин била логична. Забележал дека некои гости останувале подолго, некои викале и лекари, па одлучил да го претвори хотелот во луксузен карантин.
Во услугата се вклучени и посети од лекар, тестирање и грижа од медицинска сестра. Наводно, хотелот склучил договор со приватна клиника која ќе се грижи за здравјето на гостите во карантин.
Хотелот сè уште нуди престој за една ноќ, но наводно, повеќето луѓе закажувале соби за две недели, па дури и за два месеца.
Половина од гостите се туристи, а другите се постари жители на Швајцарија, кои дома не ја добивале потребна помош во овој период.
Додека трае карантинот, собите ќе се чистат пред и по заминувањето на гостите, а не додека престојуваат. За собирање на отпадот гостите ќе се координираат со службите, а оние кои порачуваат храна и слично ја добиваат пред вратата од собата.
Обично, една ноќ во овој хотел чини 1.000 долари, но сега цената е спуштена на 500. Со доплата од 800 долари дневно, на гостите им е достапна и медицинска проверка, а за уште 500 долари можат и да бидат тестирани за корона вирус.
Ако гостите платат дополнителни 5.000 долари дневно, на располагање ќе имаат медицинска сестра, и тоа 24 часа дневно.
Кога ќе се сумира сè, 2-неделниот престој во хотелот може да чини од 6.000, па сè до 77.500 долари.
Спирова С. | Црнобело