Вештачки метеорски дожд, еколошки медали - Како се подготвува Јапонија за Олимписки игри 2020?
- Детали
- среда, 05 февруари 2020
Само неколку месеци нè делат од Олимписките игри во Токио. Годинава, Јапонија вторпат ќе биде домаќин, после Игрите во 1964-та.
Според организаторите, овој настан ќе биде спектакуларен и можеме да очекуваме многу изненадувања.
Истовремено, организаторите тврдат дека овие Олимписки игри ќе бидат „еколошки“, па дури и медалите за натпреварувачите ќе бидат изработени од рециклирани материјали.
Погледнете како се подготвува Јапонија, и што можеме да очекуваме од Олимписките игри на крајот на јули:
Каква ќе биде церемонијата на отворањето?
- Во почетната церемонија можеме да очекуваме многу ликови од јапонските цртани и компјутерски игри, како Марио од играта Super Mario.
- Наводно, на церемонијата ќе се користи и 3Д видео мапирање. Односно, со проектори ќе се прикажуваат 3-димензионални „слики“.
- Организаторите ветуваат и вештачки „дожд од ѕвезди“. Сателитот ALE-2 е дизајниран за да создава вештачки метеорски дожд од орбитата на Земјата. Честичките што ќе ги ослободува сателитот ќе согоруваат во атмосферата, оставајќи шарени траги. Од Земјата, овие честички ќе ни изгледаат како ѕвезди што паѓаат.
Како се подготвуваат локалните жители?
- Над 200.000 луѓе се пријавиле како волонтери за Олимписките игри во Токио. Од нив, избрани се само 80.000. Една од нив е и Сетуко Такамизава, која до јули ќе има дури 92 години. Таа ги испуштила Олимписките игри во Јапонија во 1964-та, па сега сакала да надополни за тоа.
- Еден од Јапонците кои ќе го палат олимпискиот факел е 92-годишниот Јасуџи Хирасава. Во 1964-та, на Јасуџи му било забрането да присуства на Игрите бидејќи имал лепра. Во минатото пациентите со лепра во Јапонија биле дискриминирани, но денес ситуацијата е поразлична. Јасуџи само сакал да им покаже на сите дека лепрата е излечива болест.
- Во палењето на факелот ќе учествува и уште постар маж – 102-годишниот Шоџи Томихиса. Во 1945-та, Шоџи бил изложен на радијација за време на бомбардирањето на Хирошима. Тој станал атлет на 97-годишна возраст, а кога наполнил 100 години срушил рекорд за трчање на 60 метри во возрасната категорија 100-104 години.
- Натоши Јамада е уште еден страстен фан на Олимписките игри и од 1964-та нема испуштено ниту едни. Секое лето тој се појавувал со јапонско кимоно, златен шешир и широка насмевка. За жал, Натоши почина во летото 2019-та, а за неговата смрт жалеше целата Јапонија.
Каде ќе се сместат туристите?
- За Токио воопшто нема да биде лесно да ги смести бројните туристи што сакат да присуствуваат на Игрите. Во градот каде што секој сантиметар вреди злато, хотелите-капсули се навистина популарни. Овие хотели потекнуваат од Осака од доцните 1970-ти, а за Олимписките игри се изградени многу нови.
- Собата во ваков хотел обично чини 20 долари од вечер, но во периодот на Игрите, цената ќе биде околу 150 долари.
- Некои Јапонци ќе можат и да ги изнајмуваат нивните домови. Во просек, изнајмувањето стан за време на Олимписките игри е 837 долари од вечер.
- Бидејќи и сето ова изгледало недоволно, на пристаништата во Токио ќе има и пловечки хотели. Односно, бродови за крстарење кои тој период ќе бидат трансформирани во хотели.
Што се гради и реновира за Олимписките игри?
- Изградени се и реновирани 42 спортски објекти во Јапонија, вклучувајќи стадиони, базени и велосипедски патеки. Во текот на изградбата, инженерите се обидувале да користат што повеќе рециклирани материјали.
- Главниот олимписки стадион, на кој ќе се одвиваат и церемониите за отворање и затворање на настанот, е изграден на местото на стариот од 1964-та. Стадионот бил изграден за само 36 месеци.
- На почетокот, стадионот требаше да биде изграден според проектот на Заха Хадид. Сепак, подоцна беше одбиен бидејќи наводно, конструкцијата била многу скапа.
- Сегашниот дизајн е на Кенго Кума. Стадионот има традиционални јапонски елементи и одлично се вклопува во опкружувањето. За декорација на стадионот се користело дрво, а насекаде биле посадени и растенија.
- Олимпиското село ќе се наоѓа на брегот на Токио, а после Игрите ќе се пренамени за живеење. Становите во селото ќе бидат огласени за продажба, а жителите ќе можат да се вселат од 2023-та година.