2200 kg храна „истурена“ од хеликоптери за преживеаните животни во Австралија
- Детали
- понеделник, 13 јануари 2020
Пред една недела, службата за национални паркови во Нов Јужен Велс започна мисија со која ги прехранува животните кои настрадале, но ги преживеале австралиските пожари.
Во неколку делови од Австралија, со помош на хеликоптер се „фрлени“ над 2.200 килограми свеж зеленчук, воглавно моркови и сладок компир, за изгладнетите животни кои го преживеаа пожарот.
Иако, за среќа, голем број животни успеале да се спасат од пожарот, сепак тие останаа без нивните живеалишта, а со тоа и без храна.
Иницијативата за овој проект се покренала откако се утврдило дека поради пожарот, директно или индиректно загинале околу 1,25 милијарда животни.
Изумреа илјадници коали, кенгури и уште многу други видови животни.
На сличен проект работи и организацијата Animals Australia, која работи со помош на донации од јавноста. Организацијата користи мали авиони за мисијата, а неделава се очекуваат уште две пратки со храна за животните.
Портпаролот на Animals Australia изјави дека ќе направат сè за да го спречат умирањето на животните од глад:
„Бидејќи патиштата веројатно ќе бидат затворени со недели, ризикот од прегладнување на дивите животни е многу реален. Ќе биде трагично ако изгубиме уште животни само затоа што не сме им помогнале на преживеаните.“
Спирова С. | Црнобело