Ја нема скратено косата 30 години – Како изгледа „Златокоса“ од реалниот свет?
- Детали
- четврток, 02 јануари 2020
Речиси секоја девојка сонува за долга коса, но повеќето се откажуваат од намерата поради две нешта.
Најпрво, треба да бидете навистина трпеливи додека ја чекате косата да порасне. Откако ќе порасне, пак, негата на косата ќе стане многу покомплицирана.
Покрај тоа, важна улога има и генетиката, бидејќи без разлика какви продукти користите, ако вашата коса е ретка и сува, веројатно нема да изгледа добро ако е премногу долга.
Сепак, постојат и трпеливи луѓе, а една од нив е 34-годишната Алена Кравченко од Одеса, Украина.
Алена го добила прекарот Златокоса, благодарение на нејзината коса која е долга неверојатни 1.8 метри.
Таа ја расте нејзината коса уште од 5-годишна возраст, а најголема поддршка ѝ била мајка ѝ.
„Уште од најрана возраст, мајка ми ме натера да се вљубам во долгата коса“, вели Алена.
Младата девојка ја нема потстрижено косата речиси 30 години. Денес, и покрај тоа што нејзината коса се влече по земја, таа нема намера да ја крати.
„Љубовта кон мојата долга плетенка е толку силна, што ниту еднаш во животот не сум помислила за кратење. Не можам да се замислам со кратка коса или коса со друга боја.“
Секој што имал подолга коса знае колку труд и време треба да се вложи во нејзината нега. Но, Алена вели дека тоа не ѝ претставува никаков проблем.
„Косата не ми пречи, ниту пак постојаната грижа за неа. Всушност, тоа ми причинува задоволство бидејќи долгата коса е дел од мене.“
Алена вели дека секогаш ја остава косата да ѝ се исуши природно и користи неколку продукти за нејзина нега.
„Најважното нешто е што никогаш не ја сушам со фен, не користам пегла за коса и не ја чешлам косата додека е влажна. Ја мијам еднаш неделно, користам природни маски и неколку масла.“
Нејзиниот совет за сите кои сонуваат да имаат долга коса како нејзината е да ја сакаат.
„За да имате долга и убава коса, морате навистина да го сакате тоа.“