Мразот на Монт Еверест се топи и открива тони ѓубре и човечки тела
- Детали
- четврток, 28 ноември 2019
„Највисоката корпа за ѓубре“ во светот почнува да ги открива отпадот и човечките трупови, кои со децении беа закопани под мразот.
Уште во 2010-та година, на Монт Еверест имаше над 200 човечки трупови. Неретко, планинарите ги користат како обележја за растојанието и висината.
На пример, на 8.000 метри надморска височина, се наоѓа труп на планинар од Индија. Секој кој се обидува да го освои врвот го препознава и го користи трупот како ознака.
Труповите на Еверест не се ништо ново, но со климатските промени почнува да се појавува проблем. Бидејќи мразот почнува да се топи, се „откриваат“ и труповите кои со години биле скриени под него.
Покрај труповите, почнуваат да „ѕиркаат“ и тони отпад, кој се собирал со децении. А, над 5.000 килограми од отпадот е човечки измет од камповите.
Неколку компании и организации веќе имаат почнато кампањи за расчистување на отпадот и преместување на труповите. Сепак, проблем е што замрзнатите трупови можат да тежат и до 160 килограми.
И покрај нивните напори, на планината сè уште има околу 30 тони отпад.
Со цел да се елиминира проблемот, веќе е забрането користење пластика за една употреба во регионот на Еверест. За да се намали бројот на смртни случаи, пак, се планира да се ограничи издавањето на дозволи за искачување.
Односно, дозвола за искачување ќе имаат само оние кои освоиле барем еден врв од 6.500 метри во Непал.
Спирова С. | Црнобело