11-годишниот Јане од Скопје држеше говор во седиштето на ОН и се запозна со Бекам
- Детали
- четврток, 21 ноември 2019
Јане Велковски е 11-годишно момче од Скопје кое боледува од спинална мускулна атрофија. Јане е и застапник за децата со попреченост и говореше за детските права во седиштето на Обединетите Нации.
Говорот се одржа на самитот на УНИЦЕФ на прославата за одбележување на Светскиот ден на детето.
Јане ѝ е познат на македонската јавност, најмногу поради неговата желба да игра фудбал, а како што вели и самиот, неговата болест не му претставува пречка.
Младиот Јане изјави дека е возбуден што ја има оваа прилика, најмногу бидејќи има можност да му каже на целиот свет дека сите деца се еднакви и дека и луѓето со попреченост можат да ги прават истите работи како и сите други.
„И дури и да не можат да ги прават сите работи, тоа не значи дека не треба да уживаат во животот“, изјави Јане.
На големо изненадување на Јане, пред да го одржи говорот, тој имаше можност да се запознае со Дејвид Бекам, а мајка му објави и фотографија од средбата.
Јане, заедно со уште неколку деца, беше дел од панел дискусијата насловена „Не оставајте ниту едно дете: За секое дете, секое право“.
Во говорот Јане откри дека е роден со спинална мускулна атрофија и дека се движи со инвалидска количка што си ја нарекува формула 1. Додаде дека неговите родители уште од најрана возраст го научиле дека може да прави сè што прават и другите.
„Како што растев, тоа стана правило. Да правам сè и да уживам во животот. Одам на училиште и имам многу пријатели.“
Јане сподели и дека неговата најголема пасија е фудбалот и го засакал уште додека бил многу мал. А, токму фудбалот му помогнал да се избори да ја добие потребната терапија и од него направил борец.
„Верувам дека сите во светот можат да играат фудбал. Без разлика како играат, важно е да се биде рамноправен и почитуван.“
Јане се смета еднаков на другите, така се однесува и така очекува да се однесуваат со него. Сепак, младиот Македонец изјави дека воопшто не е лесно да се користи инвалидска количка. Не му пречела неговата болест, туку бариерите во неговото опкружување.
„Ме иритира кога не можам да одам некаде, ако нема рампа или транспорт за мене, па мора да ме носат моите родители. Кога бев помлад, родителите ми помагаа и ги отстрануваа пречките за мене, но јас сакам да пораснам во независна личност“, изјави Јане.
Говорот на Јане и целата панел дискусија можете да ги погледнете овде.
Спирова С. | Црнобело