Јутубер од Северна Кореја споделува детали за животот во „најзатворената“ држава во светот
- Детали
- вторник, 01 октомври 2019
Јанг Мјунг-џин е 32-годишен Јутубер од Северна Кореја, а неговиот канал на YouTube ни дава увид во животот на луѓето од оваа таинствена држава.
Јанг е само еден од неколку бегалци од Северна Кореја, кои успеале да избегаат од државата и да се преселат во Јужна Кореја. Своите видеа ги снима со неговиот Samsung смартфон, а понекогаш кани и други бегалци од Северна Кореја.
https://www.youtube.com/watch?v=dhHpNVPPcqI&t=33s
На неговите видеа, Јанг раскажува дека најчесто, Корејците одгледуваат кучиња, зајаци, свињи и кокошки, но само за јадење или за да ги продаваат.
Исто така, тој открил дека една од најголемите навреди во Северна Кореја е да ви речат дека сте „родени од млада жена роб“, но и дека никогаш не слушнал за трансродови лица, сè додека не ја напуштил државата.
Јанг има 7.000 претплатници на својот канал, а за да преживее доставувал храна. Иако засега не може да се издржува само од каналот на YouTube, тој смета дека вреди да продолжи со снимање видеа, бидејќи голем број корисници му кажале дека им помогнал да сфатат многу нешта за Северна Кореја.
„Ме расположуваат и ме прават позитивен. Тие се причината зошто и денес и утре ќе снимам видеа.“
Она што можеби сите ги интересира најмногу, е зошто Јанг си заминал од државата. Иако Јутуберот ја нема раскажано целата приказна за неговото бегство, сепак го спомнал периодот кога си заминале.
Неговото семејство ја напуштило Северна Кореја во 1998-ма година. Тогаш 11-годишниот Јанг, бил вљубен во негова соученичка. Но откако таа три недели не се појавила на училиште, решил да отиде до нејзиниот дом и да ја провери.
Кога влегол во куќата, ја нашол неговата пријателка мртва. Преплашен, Јанг веднаш излегол од куќата и им кажал на соседите за смртта на девојчето.
Неколку месеци подоцна, неговото семејство се преселило во Јужна Кореја.
„Мислам дека таа беше виновна само затоа што беше родена во погрешна држава. Ако дојдеше во Јужна Кореја, немаше да изгладни до смрт… и можеби ќе станеше Јутубер како мене.“
Иако многумина уживаат во видеата на Јанг, сепак постоеле и луѓе кои го осудуваат и мразат заради она што го прави. Јанг изјавил дека добивал пораки во кои луѓето му посакувале да биде убиен или испратен во рудник за јаглен во Северна Кореја.
Сепак, тој е одлучен да продолжи со своите видеа и да ни помогне да научиме нешто повеќе за мистериозната Северна Кореја.
Спирова С. | Црнобело