Канбера стана првиот град во Австралија што ја легализира марихуаната за рекреативна употреба
- Детали
- среда, 25 септември 2019
После гласањето во вторникот навечер, Канбера стана првиот австралиски град што ќе ја легализира марихуаната за рекреативната употреба.
Од 31-ви јануари 2020-та година, полнолетните жители на Канбера ќе можат да поседуваат до 50 грама сушена марихуана и да одгледуваат 2 растенија, односно 4 по домаќинство.
Сепак, пушењето на јавно место ќе остане забрането, како и продавањето или давањето семе за растенија. Ова е малку нелогично, бидејќи на некој начин, Австралијанците ќе треба да го прекршат законот за да можат да почнат со одгледување.
Според австралиската влада, марихуаната е најкористената забранета супстанца. Во периодот 2017-2018 година, биле направени над 72.000 апсења поврзани со поседување марихуана. 92% од уапсените ја консумирале.
Во Нов Зеланд пак, поседувањето марихуана е сè уште нелегално, но следната година се очекува референдум за легализирање.
Ако Нов Зеланд ја легализира марихуаната, тоа ќе биде само третата држава во светот, после Уругвај и Канада, што ќе го направи тоа. Во 9 држави во САД е дозволена рекреативната употреба на марихуана, а истата е декриминализирана во многу делови од Европа.
Спирова С. | Црнобело