Големиот зелен ѕид: Амбициозен проект во Африка во борба против климатските промени
- Детали
- четврток, 19 септември 2019
Големиот зелен ѕид е африканско движење со навистина голема амбиција. Целта е долж континентот да се посадат големи дрва, кои ќе формираат природен ѕид долг неверојатни 8.000 километри.
После цела деценија, завршени се околу 15% од проектот кој ќе ѝ го врати пејзажот на Африка и им овозможува храна и работни места на луѓето кои живеат во близина.
Ѕидот е како решение за многуте проблеми кои ѝ се закануваат не само на Африка, туку на целиот свет, како климатските промени, сушата, гладот, конфликтите и миграцијата.
Штом ќе биде завршен, Големиот зелен ѕид ќе биде најголемата жива структура во светот и ќе биде 3 пати поголем од Големиот корален гребен.
Идејата за ваков ѕид датира уште од средината на минатиот век и прв пат била предложена од англискиот шумар и активист Ричард Барб Бејкер. Сепак, проектот започнал дури во 2007-ма година, а дури денес почнуваме да ги гледаме резултатите од неверојатниот подвиг.
Досега се „оживеани“ околу 40 милиони хектари пустина. Ова резултира со дополнителни 500.000 тони жито годишно – количина доволна да нахрани 2,5 милиони луѓе.
Доколку проектот продолжи со ова темпо, ќе ја подобри состојбата во некои од најсиромашните региони во Африка. Истовремено, ѕидот ќе ја подобри економијата на 11-те држави низ коишто минува.
Илјадници луѓе садат дрва и директно се вклучуваат во проектот преку иницијативата Green jobs (зелени работни места). Проектот е голем и ќе поминат десетици години пред да биде завршен, но вреди кога ќе се земе предвид неговото позитивно влијание.
Големиот зелен ѕид ќе направи неколку позитивни промени во Африка:
- Ќе го реши проблемот со сечењето на шумите, деградацијата на земјиштето и сушата.
- Ќе се обноват речиси 13.977 километри квадратни земјиште во сувите региони, кои ќе можат да се користат како посеви.
- Благодарение на природните ресурси како вода, почва, вегетација и див свет, ќе се создадат поодржливи екосистеми во областа на Сахара и Сахел.
- Ѕидот ќе задржува 250 милиони тони јаглероден диоксид – нешто што ќе биде ефективно против климатските промени и загадувањето на воздухот.
- Ќе се подобрат условите за живеење и ќе се отворат 10 милиони работни места во сиромашните региони.
- Ќе се обезбеди храна за 20 милиони луѓе кои секоја година страдаат од глад.
Засега планот е ѕидот да биде завршен до 2030-та година. За да се постигне ова, секоја година ќе треба да се обновуваат 10 милиони хектари земја.
Поради својата големина, Големиот зелен ѕид веројатно ќе стане осмото природно чудо во светот.
Спирова С. | Црнобело