Најголемата борба со 120 тони домати – како изгледа шпанскиот фестивал Ла Томатина? (фото)
- Детали
- петок, 30 август 2019
Доколку сакате да видите како изгледа борба со домати, можете да го искусите тоа на улиците во град во источна Шпанија.
Ла Томатина е традиционален фестивал со храна и се смета за можеби најголемата борба со храна во светот.
Фестивалот се одржува секоја година, а „главната улога“ ја имаат доматите. Причината за одржувањето на овој фестивал не е ништо друго, туку уживањето и забавата.
Ла Томатина се одржува во гратчето Буњол во источна Шпанија и датира уште од средината на 1940-тите. Наводно, во тој период, сосема случајно се одржала првата борба со домати. Според официјалниот веб-сајт на фестивалот, во последната среда од август во 1945-та година, имало парада во која учествувале луѓе облечени како џинови со огромни глави (gigantes y cabezudos).
Група млади луѓе случајно му ја турнале главата на еден од учесниците. Учесникот предизвикал вистински хаос во парадата и се судрил со тезга на којашто се продавале домати. Сето ова кулминирало кога луѓето почнале да ги земаат доматите од земјата и да ги фрлаат еден на друг, па така се родила познатата борба Ла Томатина.
Следната година група луѓе од градот организирале борба со домати, каде што секој си носел домати од дома. На почетокот на 1950-тите властите го забраниле одржувањето на фестивалот, наводно бидејќи немал никаква религиска значајност.
Сепак, во 1957-ма година бил одржан „погреб на домати“ како протест против забраната, а оние кои учествувале во протестот носеле ковчег во кој имало огромен домат. Властите немале друг избор освен да го направат Ла Томатина официјален фестивал.
Фестивалот се одржува во последната среда од август, а оваа година беше на 28-ми. На денот на фестивалот, во 11 часот наутро на плоштадот пристигнуваат камиони полни со домати.
Борбата најчесто започнува откако ќе испукаат водените топови и трае околу еден час. После борбата, улиците на градот се чистат со млаз вода. Интересно е што поради киселоста на доматите, улиците во Буњол се екстремно чисти после фестивалот.
Во борбата учествуваат околу 20.000 луѓе од целиот свет, а се трошат речиси 120 тони домати.
Доколку сакате да го посетите фестивалот, морате да си купите карти. Можете да најдете и екскурзии до фестивалот од Мадрид ил Барселона. Картите што се продаваат на официјалниот туристички веб-сајт на Шпанија чинат 10 евра.
Погледнете како изгледаше фестивалот оваа година:
Спирова С. | Црнобело