„Никогаш не сте доволно стари за ништо“ - Баба магистрирала на 90 години
- Детали
- понеделник, 29 јули 2019
Замислете си да одите на факултет со колешка која е 4 години постара од вас и сака да го надогради своето знаење исто како и вас.
Токму таква е ситуацијата на 90-годишната Лорна Прендергаст, која се запишала на онлајн курс за програма за стареење и влијанието на музиката врз деменцијата, која се нуди на Универзитетот во Мелбурн.
Знаеме дека повеќето постари луѓе не ни знаат да го вклучат компјутерот, но оваа баба сфатила и како може да студира преку него. На доделувањето на дипломите го добила и најголемиот аплауз.
„Колку повеќе знам сега, толку повеќе сакам младите да ги следат своите соништа. Никој не е премногу стар за да седне и да рече: Премногу сум стар, не можам да го направам тоа. Во речникот не постои зборот не можам.“
Лорна добила желба да учи по смртта на нејзиниот сопруг со кого била во брак цели 64 години. Додека гледала серија во својот дом, си помислила кон каде се движи нејзиниот живот.
Додека размислувала за тоа, на телевизија се појавила програма која објаснувала за придобивките од музиката кај луѓето со деменција.
„Си помислив дека сакам да дознаам нешто повеќе за ова, бидејќи го имав искусено во домовите за стари лица. Гледав како музиката им помага на тамошните пациенти.“
Лорна изјавила дека вработените во универзитетот ѝ го олесниле студирањето што е можно повеќе. Истовремено ѝ ја објасниле целата технологија што ѝ била потребна за да ги заврши студиите.
Можеби мислите дека сега Лорна конечно ги исполнила своите желби, но таа го тврди спротивното и сè уште не знае во која насока ќе се движи нејзиниот живот.
„Ќерка ми ме потсети на цитат од К.С. Луис: Никогаш не си премногу стар за да сонуваш. А јас верувам во тоа. Можеби не знам што е мојот следен проект, но сигурно ќе излезе нешто.“
Оваа жена е доказ дека можете да направите што сакате, без разлика на вашата возраст. Па, почнете уште денес и искористете ја како инспирација!
Спирова С. | Црнобело