Супермаркет дава кеси со срамни натписи – креативна идеја за купувачите да престанат да ги користат
- Детали
- среда, 10 јули 2019
Низ целиот свет има обиди да се намали количеството на пластика за една употреба. Нештата како пластични кеси, пластичен прибор и сламки се брз и едноставен начин да се намали отпадот кој често завршува во океаните.
Иако можеби е потребно време за јавноста да ја промени својата перцепција за пластиката за една употреба, еден супермаркет во Канада употребил навистина брзо и ефикасно решение.
Купувачите во продавницата East West Market во Ванкувер, Британска Колумбија добиваат кеси кои имаат засрамувачки натписи и логоа на нив, што ретко кој би сакал да ги носи со себе.
Идејата била дека на луѓето ќе им биде непријатно да шетаат наоколу со кеси на кои пишува „Продажба на маст за брадавици“, „Продавница за чудни видеа за возрасни“ или „Кооперација за нега на дебелото црево“.
На кесите се наоѓа и помал натпис кој гласи „Избегнете го срамот. Донесете торба за повеќе употреби“.
На нивниот Инстаграм профил, од продавницата објавиле: „Тешко е секогаш да се сетите на торба за повеќе употреби. Ги редизајниравме нашите пластични кеси така што ќе ви помогнат никогаш повеќе да не заборавите!“
Сопственикот на продавницата, Дејвид Ли Квен, изјавил: „Пораката е дека треба да направиме свесен напор да ја спасиме нашата планета чекор по чекор. Пластичните кеси се голем проблем и секој чекор помага.“
Но, изгледа дека планот на Дејвид вродил со резултат спротивен од очекуваниот. Имено, кога луѓето слушнале за новиот дизајн, почнале да ја посетуваат продавницата само за да набават од нивните кеси.
„Дефинитивно ова предизвика интерес. Штом ќе започнете разговор, веднаш станува интересен, барем така мислам.“
За среќа, оваа шега ќе биде достапна само ограничен период, бидејќи целиот проект ја чини продавницата пари. Сепак, Дејвид се надева дека Канада ќе ги следи стапите на Чиле, која ќе стане првата држава што целосно ќе ги забрани пластичните кеси.
Доколку законот биде прифатен, ќе биде усвоен една година од неговата најава. Дотогаш, продавниците ќе треба да воспостават строги правила, според кои на потрошувачите им е дозволено да земат најмногу две пластични кеси за секое купување.
Спирова С. | Црнобело