Жена се изгубила во шума на Хаваи - како преживеала 17 дена во дивината?
- Детали
- понеделник, 27 мај 2019
Повеќе од 2 седмици Аманда живеела јадејќи шумски плодови и инсекти, пронајдена е со скршена нога и инфекција на кожата. Нејзиното преживување е чудо.
Аманда Елер (35) беше пронајдена во шума на островот Мауи на Хаваи од страна на спасувачите, 17 дена откако исчезна. Јога инструкторката и физиотерапевт планирала на појде на трчање не многу далеку од нејзиниот дом, но скршнала од патеката, го изгубила патот за дома и останала заглавена во шума, полна со бујна вегетација и остри карпи.
Паричникот, телефонот и шишето со вода ѝ останале во автомобилот, затоа што планирала да трча само кратко време.
Како што се обидувала да го пронајде патот, таа сè повеќе се губела во шумата, па од третиот ден се фокусирала на тоа да пронајде вода и да преживее, наместо да стигне дома.
„Ослабев толку многу што се сомневав дали ќе преживеам“, изјави Аманда.
Во текот на ноќите се покривала со лисја и кал за да се засолни, а една ноќ чевлите кои ги оставила до себе да се сушат биле однесени од дождот. Затоа Аманда сега има сериозни повреди на нозете.
За да преживее јадела шумски плодови, па дури и инсекти.
Со денови спасувачите ја барале низ шумата, но и од воздух со хеликоптери.
Кога ја пронашле таа имала скршена коска на ногата и инфекција на кожата на стапалата.
„Требаше да изберам помеѓу живот и смрт и јас избрав живот. Не сакав да одам по полесниот пат, иако тоа значеше многу страдање за мене“, изјави храбрата Аманда од болничкиот кревет.
Со оглед на тоа колку време минала во дивината вистинско чудо е што Аманда преживеала и минала со толку малку повреди.
С. С. | Црнобело