Жената која никогаш во животот не почувствувала болка, до 60 години мислела дека тоа е нормално
- Детали
- недела, 31 март 2019
Една жена од Шкотска кршела коски, имала изгореници, неколкупати била оперирана и тоа го чувствувала како нешто нормално, сè додека не наполнила 60 години и сфатила дека нешто не е во ред со неа. Денеска има 71 години и сè уште нема почувствувано никаква болка.
На своја 60-годишна возраст таа станала предмет на истражување, со цел да се најде што поефикасен третман против болки, особено за луѓето кои се пречувствителни. Таа мислела дека сè е во ред со неа, додека лекарите не ѝ посочиле дека се работи за нешто навистина ретко и дека тоа е поврзано со генетскa мутација.
Оваа жена имала и многу медицински дијагнози, како што е артритис на колковите, кој не го почувствувала, па ѝ предизвикал повеќе деформации на зглобовите. Покрај тоа, на лекарите им кажала дека имала и повеќе дентални операции, неколку скршеници на коски, па дури и изгореници кои ги почувствувала поради мирисот на изгорено месо.
Исто така, без проблем јадела и најлути пиперки, а што е најинтересно, никогаш не била во депресија, ниту анксиозна, ниту пак имала панични напади, дури ни по сообраќајната несреќа која ја преживеала.
Нејзиниот случај ќе биде истражуван на Универзитетскиот колеџ во Лондон, а како дел од генетското испитување ќе бидат вклучени и нејзините најблиски роднини, со цел да се истражи во која секвенца е настаната мутацијата и дали може да биде наследна.
Исто така, тие бараат и други луѓе кои се соочуваат со ваква отпорност, со цел да се истражи подетално, бидејќи засега ова е истражување на изолиран случај.
Болката, колку и да е непријатна, е важна за опстанокот на луѓето, бидејќи нè предупредува дека сме во опасност. Хроничната болка ни покажува дека нешто не е во ред со нашето здравје и дека треба да се лечиме.
Истражувачкиот тим се надева дека токму овој случај ќе им помогне во развивање на ефикасни лекови против болка, наменети за луѓето кои се наоѓаат на другиот крај, односно чувствуваат неподносливи болки дури и при најмали дразби.
Е. Д. | Црнобело