Француски туристи осудени во Шри Ланка за бакнеж на статуа на Буда
- Детали
- среда, 22 август 2012
Судот во Шри Ланка осуди тројца француски туристи до шест месеци условна казна и парична казна за навреда на статуа на Буда.
Како што пренесува AFP, повикувајќи се на локалната полиција, тројцата француски државјани, две жени и маж, во градот Канди во централниот дел на оваа островска доминантно будистичка земја, решиле да се фотографираат со статуа на божеството. Притоа мажот се обидел да ја имитира позата на Буда, а една од жените ја бакнала статуата во усните.
Подоцна, по пристигнувањето во градот Халле, во југозападниот дел на Шри Ланка, туристите влегле во фото-студио да ги отпечатат фотографиите што ги направиле. Фотографиите, според полицијата, ги навредуваат чувствата на верниците вработени во студиото.
„Вработен во студиото ја видел фотографијата и ѝ се обратил на полицијата во Халле, којашто ги привела туристите во понеделникот. Истрагата за случајот заврши во вторникот, кога тие се изјаснија за виновни“, го цитира AFP портпаролот на полицијата на Шри Ланка.
Сите тројца француски туристи се осудени на условна казна за шестмесечна затворска казна и глоба од по 1,5 илјади рупии (околу 11 американски долари) секој. Судот им дозволил на туристите да останат на Шри Ланка до крајот на нивниот одмор.
22.08.2012 (Макфакс)