Британскиот град Бристол воведува сопствена валута- бристолска фунта
- Детали
- четврток, 16 август 2012
Во Велика Британија граѓаните се повеќе ја губат довербата во банките и ги чувствуваат последиците од должничката криза во зоната на еврото, па поради тоа градот Бристол најави дека ќе воведе во употреба сопствена валута, бристолска валута.
Оваа нова валута која ќе може да ја користат само компаниите во Бристол кои ќе се пријават за тоа, ќе биде пуштена во промет во септември, а организаторите се пренатрупани со барања од локалните фирми кои сакаат да се вклучат во тој проект.
Идејата за воведување на бристолска фунта ги воодушеви луѓето во време кога Британија ја тресе рецесија, а угледот на тамошните банки е извалкан со скандали, додека министрите отворено зборуваат за можен колапс на еврозоната, чија членка не е Британија, изјави еден од организаторите Киран Манди.
Стотици фирми се пријавија за учество во проектот, од прочуениот центар за уметност „Арнолфинија“ па се до ланецот на продавници за деликатесна стока „Чандос“, а воведувањето на валутата морало да биде поместено од мај на 19 септември поради големиот интерес.
На бристолската фунта се наоѓаат симболите на локалната гордост, вклучувајќи го и писателот на религиски текстови Хана Мур, како и авионот „конкорд“, којшто е делумно произведен во Бристол.
И други британски градови исто така се обидуваа да воведат локална валута но Бристол во кој што живеат пола милион луѓе, е прв поголем град, при што овој нивни проект е доста амбициозен.
Организаторите наведуваат дека фирмите ќе ги плаќаат локалните даноци во бристолски фунт, а тамошната општина им понуди на своите вработени, 17.000 на број, да добиваат дел од платата во оваа валута.
16.08.2012 (Макфакс)