„Имам салон за гушкање за осамени луѓе – интересот е огромен, доаѓаат и жени жртви на насилство“
- Детали
- сабота, 11 јануари 2025
„Некои од моите клиенти се луѓе кои имале трауми, луѓе кои имаат страв од емоционална близина… Со терапијата со гушкање им помагам да ги надминат овие проблеми“, вели Александра од Полска која е психотерапевт и лиценциран масер, а води салон за гушкање.
Александра Касперек од Полска е сопственичка на по малку чуден бизнис – води салон за гушкање, а себеси се нарекува „професионален гушкач“.
Салонот е отворен веќе две години, а вели дека ја добила идејата откако прочитала за сличен салон во друга држава.
Александра открива дека интересот е огромен и дека на многу луѓе им требаат прегратки
„Не очекував дека ќе има толку заинтересирани луѓе. Иако е тажно, многу луѓе сепак се осамени.
Поради големиот интерес, закажувањето мора да се направи неколку дена однапред“.
Александра е психотерапевт и лиценциран масер, а истакнува дека услугите што ги нуди во салонот се исклучиво платонски, како и дека нема никакво недолично допирање или што било сексуално.
Односно, ако некој клиент премине граници, сесијата завршува веднаш и тој добива забрана за посетување на салонот.
Клиентите треба да следат и други правила – не смеат да доаѓаат ако се болни, ниту смеат да ги користат услугите ако се под дејство на дрога или алкохол.
Пред да почне сеансата, тие треба и да се истушираат и да облечат чиста бањарка што ја добиваат од салонот.
„Пред да почнеме со гушкањето, ги прашувам клиентите зошто се тука и како можам да им помогнам“.
Користејќи информациите што ќе ги добие, Александра вели дека додека трае гушкањето, им нуди и вид психотерапија на клиентите, односно им дава можност да зборуваат за нивите проблеми.
„Некои од клиентите се луѓе кои имале трауми, луѓе кои имаат страв од емоционална близина… Потребна им е помош.
Доаѓаат и жени кои биле жртви на физичко насилство од нивните партнери.
Благодарение на терапијата со гушкање, им помагам да сфатат дека физичкиот допир не секогаш е причина за болка, дека може да биде и пријатен.
Со правилно стимулирање за сетилото на допир, нивните грижи исчезнуваат и за нив животот повторно станува убав и безбеден“, споделува Александра.
Таа додава и дека има клиенти кои пред првата сеанса се исплашени.
Во тој случај, таа одвојува цел час за да им помогне да се релаксираат.
„Пиеме кафе, играме друштвени игри. Некогаш ми ги пуштаат нивните омилени песни и се држиме за рака“.
Александра вели дека е среќна кога им помага на луѓето и гледа резултати од нејзиниот салон.
Спирова С. | Црнобело