Блесна елката во центарот Рокфелер во Њујорк, украсена со 3 милиони кристали и Swarovski ѕвезда тешка 400kg (фото+видео)
- Детали
- четврток, 05 декември 2024
И годинава во срцето на Њујорк блесна огромната елка пред Рокфелер центарот – традиција која трае повеќе од 90 години.
Синоќа (04.12) во Рокфелер центарот во Њујорк блесна можеби најпознатата новогодишна елка.
Илјадници њујорчани, но и туристи, присуствуваа на традиционалното вклучување на светилките, а целиот настан беше придружен и со музички перформанс, каде свој настап имаа и Backstreet Boys.
Сијаличките на елката ќе светат до средината на јануари, од пет наутро до полноќ, додека за католичкиот Божиќ (25.12) ќе светат 24 часа.
Пред елката е сместено и лизгалиште, кое додава посебна магија во празничната сезона, додека оние кои сакаат да се фотографираат со неа одблизу, ќе треба да платат над 300 долари за VIP влезница.
Секако, секој може да ужива во магијата на елката и оддалеку.
Инаку, годинешната елка, која беше исечена на 7-ми ноември, е дрво старо околу 70 години.
Висока е 22,5 метри и тежи дури 11 тони.
И оваа година е украсена со 3 милиони кристали, како и Swarovski ѕвезда на врвот која тежи 400 килограми.
На елката има над 50.000 шарени сијалички, на жица долга дури 8 километри.
Традицијата за украсувањето на елката во Рокфелер центарот потекнува уште од далечната 1931 година, кога група работници собрале пари за да купат елка која ја декорирале со украси направени од нивните семејства.
Две години подоцна, била одржана првата официјална церемонија за палењето на светилките.
Инаку, рекордот за најголема елка пред Рокфелер центарот е од 1999 година, кога центарот на Њујорк го красеше дрво високо 30 метри.