Со две дипломи, проси за леб
- Детали
- среда, 22 февруари 2012
Загрепската полиција го уапси Ивица Галиќ кој проси на улиците на Загреб затоа што не може да најде работа иако има две факултетски дипломи.
37 годишниот дечко е приведен по четврти пат заради нарушување на јавниот ред и мир.
Овој дипломиран економист има и диплома од информатика, а откако ја загубил постојаната работа, принуден е да проси за да преживее.
„Чукав на разни врати, се обидував да најдам работа – безуспешно. Секогаш се трудев моето школување да биде што подобро и еве каде ме донесе сето тоа.“ - раскажува Галиќ кој секој ден во 10 часот на духовит начин се обидува да измоли по некоја паричка од минувачите.
„Ве молам за помош! Ми требаат 10.000 куни за да го поправам мојот вселенски брод и да одам дома, а во меѓувреме морам да се прехранам себе си и својата девојка (а, колку само она јаде – боли глава!“ – пишувало на неговиот последен транспарент.
По објавувањето на оваа приказна во хрватските медиуми, една фирма веќе му понудила работа, а и понатаму стигнуваат нови понуди.
Со оглед на тоа дека е приведен, сè уште не знае дека среќата му се насмевнала. Можеби ова му било и добра тактика да се продаде.