Чантите Dior се прават за 53 евра, а ги продаваат по 2.600 евра - купени се од кинеска фабрика во Милано
- Детали
- четврток, 04 јули 2024
Модниот гигант Dior деновиве се најде среде скандал во Италија, откако властите утврдиле дека за изработката на една чанта која се продава по цена од вртоглави 2.600 евра, брендот троши само по 53 евра.
Италијанските медиуми деновиве на долго и на широко пишуваат за скандалот што го тресе модниот гигант Dior, откако било откриено дека луксузните чанти на Dior се произведуваат во кинеска фабрика во Милано, која за произведените чанти наплаќа само по 53 евра.
„Ова е систематски проблем и воопшто не нѐ зачудува.
Но, она што навистина нѐ изненади е дека на таков моден гигант како Dior, му наплаќаат само 53 евра за изработка на чанти, кои потоа ќе се продаваат по 2.600 евра или за 50 пати повеќе од цената за изработка“ – се вели во документите од обвинителството.
Властите влегле во италијанската фабрика во Милано каде што се произведуваат чантите со ознака „Made in Italy“, a таму затекнале околу 700 кинески и филипински имигранти, кои работат во нехумани услови.
Според пишувањата во италијанските медиуми, тамошната полиција при истрагата утврдила дека имигрантите работеле по 24 часа, без соодветна документација за регулирање на работниот однос, ниту пак биле пријавени како вработени.
Исто така, било утврдено дека тие спијат во фабриката, без да добијат слободен ден ниту за време на велигденските празници.
Иако вработените не сакале да зборуваат што се случува во фабриката, врз основа на податоците за потрошувачка на струја, властите утврдиле дека тие започнувале да работат секое утро во 6 и 30 до доцна навечер, без време за пауза или слободни денови.
Засега не се знае точно за кој модел на чанти на Dior се работи, но според судските документи, моделот е означен со кодот PO312YKY и оваа пракса не била вообичаена за сите модели.
По овие откритија судот во Италија донесе одлука Dior една година да работи под надзор.
Б. С. Б. | Црнобело