Работел во дом за стари, пушката ја зел од татко му - Детали за атентаторот на Трамп, Томас Метју Крукс
- Детали
- понеделник, 15 јули 2024
Бил мирно и повлечено момче, со извонредното знаење од областа на математиката и науката. Тајната служба го забележала неговото сомнително однесување, но не успале да го фатат навреме. Што знаеме за атентаторот на Доналд Трамп, Томас Метју Крукс?
Во саботата (13.07) во сите светски медиуми беше пренесена веста за обидот за атентат врз поранешниот претседател на САД и сегашен кандидат во претседателските избори - Доналд Трамп.
Во нападот што се случи за време на митинг во Батлер, Пенсилванија, едно лице во публиката го загуби животот, а две други беа повредени, додека кандидатот за претседател се здоби со повреда на увото.
Според објавите во сите светски новински агенции, атентаторот бил идентификуван како 20-годишниот Томас Метју Крукс, кој со полуавтоматска пушка AR-15 пукал кон кандидатот за претседател на САД.
Крукс бил убиен од снајпер, а во моментов ФБИ води истрага за неговите мотиви за атентатот.
Податоците за младиот атентатор се оскудни, но BBC и Reuters повикувајќи се на извори од истрагата, споделија повеќе информации за него.
Што знаеме за 20-годишното момче?
Прочитајте повеќе факти за него во продолжение:
Томас Метју Крукс потекнува од Бетел Парк, Пенсилванија, град што се наоѓа на 70km од местото каде што го извршил атентатот и во 2022-ра година таму завршил средно образование.
Според извештаите, Томас од училиштето добил награда од 500 долари за одличен успех во областа на математиката и науката.
Тој е регистриран гласач на Републиканската партија, од каде доаѓа и Доналд Трамп.
Работел во кујната на локален дом за стари, во непосредна близина на неговиот дом, а според локалното население важел за мошне мирно и повлечено момче.
Се верува дека нема никакви податоци за претходни проблеми со менталното здравје.
Полуавтоматската пушка што Крукс ја користел за време на нападот била во сопственост на неговиот татко, кој го набавил оружјето пред 6 месеци.
Атентаторот, пред да го изврши нападот, 1 година бил член на локален клуб за стрелаштво, а за време на атентатот носел маичка од Јутјуб каналот Demolition Ranch, каде се објавуваат содржини поврзани со оружје и експлозивни направи.
Според AP, припадниците на тајната полиција го забележале Крукс уште пред почетокот на митингот. Тој се однесувал сомнително и веднаш почнала потрага по него, но не успеале да го најдат.
За тоа време, Крукс успеал да се искачи на кров на зграда во близина од каде отворил оган кон Трамп и ќе успеел во своите намери, доколку реакцијата на припадниците на тајната полиција не била доволно брза.
Според извештаите во светските новински агенции, во возилото на Крукс биле пронајдени и сомнителни експлозивни направи.
Засега не се знаат точните мотиви за нападот, но познато е дека Крукс дејствувал сам.
Б. С. Б. | Црнобело