„Трапавиот Чарлс“ – Избегнал смртоносна лавина, сам ќе си го откинел прстот со чекан
- Детали
- сабота, 17 февруари 2024
Скршил рамо додека ловел лисици, не знае ни сам колкупати паднал од коњ, а за малку ќе настрадал и во лавина во Швајцарија. Зошто кралот Чарлс низ годините во британските медиуми е нарекуван „трапав“? Кои биле посериозните проблеми со здравјето со кои се соочил?
Британскиот крал Чарлс Трети го прекрши протоколот и е прв член на британското јавно семејство што јавно излезе и соопшти дека боледува од рак, дијагноза што сосема случајно му била откриена, додека се лекувал од бенигно зголемување на простата.
Но, вистината е дека во неговиот живот, тој повеќепати имал проблеми со здравјето, а и блиски средби со смртта, за кои сигурно не сте знаеле.
Операција на слепо црево
Како дете, Чарлс на само 9 години бил пратен во интернат, каде заболел од азиски грип и од сипаници, но најголем здравствен проблем имал на 13-годишна возраст кога добил воспаление на слепото црево и итно морал да биде пренесен во болница.
„Стасав навреме во болница пред цревото да експлодира“ – рече во една пригода кралот.
За малку ќе загинел во лавина во Швајцарија
Во март 1988-ма година Чарлс имал блиска средба со смртта, кога швајцарското ски-одморалиште Клостерс било погодено од лавина.
Тој, заедно со уште неколку пријатели, скијал на необележана ски патека, кога започнала лавината.
Принцот преживеал, но една негова пријателка, Патриција Палмер Томкинсон, била сериозно повредена, а неговиот близок пријател, мајорот Хју Линдзи, не ја преживеал несреќата.
Наводно, овој настан е меѓу првите што довел до проблеми помеѓу Чарлс и Дијана, затоа што таа не можела да прифати како тој се однесува неодговорно.
Чарлс по несреќата се враќал уште неколкупати во одморалиштето, заедно и со синовите, но Дијана никогаш повеќе не отпатувала таму.
Спортски и други повреди
Списокот на спортски и други повреди е малку подолг, па воопшто не е чудно што некои од британските таблоиди сакаат да го нарекуваат „трапавиот Чарлс“ (Calamity Charles).
Сите знаат дека кралот Чарлс бил страствен играч на поло, а спортот сам по себе му донел голем број повреди.
Во 1980-та година тој бил фрлен од коњот и било потребно да го сошијат со шест конци заради што имал лузна на образот.
Во друга пригода бил удрен во пределот на грлото, заради што 10 дена не можел воопшто да зборува, а истата година беше под притисок да престане да се занимава со спортот кога колабираше на крајот на натпреварот во Флорида и мораше итно да му биде дадена инфузија.