Нови детали за исчезнувањето на Медлин МекКен од 2007-ма година: Киднаперот барал девојче за да го продаде на брачен пар
- Детали
- среда, 14 февруари 2024
„Кристијан планираше да ја грабне Медлин за да ја продаде на германски пар што нема деца“ – тврди човекот кој живеел во Португалија во кампер и постојано комуницирал со мажот за кого се верува дека го грабнал девојчето од кревет, додека родителите вечерале во ресторан во близина. До каде е истрагата за исчезнувањето на малата Медлин, по која се трага од 2007 година?
Случајот со исчезнувањето на малата Медлин МекКен веќе 17 години ја интригира јавноста. Се верува дека девојчето било грабнато од хотелската соба во Праја де Луз, Португалија, додека нејзините родители вечерале во ресторанот во близина.
Родителите и властите со години трагаат по неа и се обидуваат да докажат што се случило со детето, кое денес веќе треба да има 20 години.
Инаку, веќе 4 години полицијата се сомнева дека девојчето било грабнато од хотелската соба во Португалија од страна на германскиот осудуван педофил Кристијан Брукнер.
Брукнер во тоа време со камп возило бил во близина на одморалиштето каде што престојувала Меди со семејството, и одбива да признае дека има каква било поврзаност со киднапирањето.
Во Германија, тој деновиве треба да се појави пред суд заради обвинението дека силувал повозрасна американска државјанка во Португалија, а некои од пријателите што во периодот кога исчезнало малото девојче се дружеле со него тврдат дека тој во неколку наврати, под дејство на алкохол, им го признал делото.
Така, во изјава за Sky News, извесен Кен Ралфс тврди дека Кристијан се обидел да наговори еден нивен заеднички пријател да го киднапираат девојчето, со цел да му го продадат на пар што долго време немал деца.
Наводно, Кристијан побарал помош од човекот што во тој период немал ниту „скршен денар“ и живеел во шатор во еден запуштен дел на брегот Алгарве во Португалија.
„Седевме околу огнот една вечер, испивме неколку пива и веќе почна да се разденува, а мојот пријател почна да плаче.
Го прашав што се случува и, на крај, ми призна дека тој и Кристијан ќе украдат едно дете од Праја да Луз од богато семејство“ – вели Ралф.
Тој додава дека киднаперот најверојатно знаел дека неговиот пријател сака да побегне од Португалија, но нема пари за билети.
„Му реков дека не може да се вклучи во киднапирање на дете за откуп, на што тој ми одговори дека не станува збор за тоа, туку дека Кристијан имал клиент, германски пар којшто не можел да има деца“ – тврди сведокот.
По една недела, кога се вратил од Англија во Португалија, Ралф веднаш отишол во полиција и кажал што знае, па дури и им објаснил каде се наоѓа шаторот на неговиот пријател, но никој не го сфатил сериозно.
Наводно, шаторот на неговиот пријател бил запален, а никогаш повеќе не ги видел ниту него, ниту Кристијан Брукнер, но кога за првпат биле објавени фотографиите од германскиот државјанин во 2020-та година за кого се верува дека ја киднапирал Меди, Ралф веднаш го препознал.
Во меѓувреме, полицијата стапила во контакт со заедничкиот пријател на Ралф и на Брукнер, но тој тврдел дека воопшто не ги познава двајцата мажи и негирал каква било поврзаност со киднапирањето на Меди.
Друг сведок, пак, тврди дека Брукнер на еден музички фестивал додека бил под дејство на алкохол му рекол дека Меди не врескала кога била киднапирана.
Иако полицијата верува дека Кристијан Брукнер стои зад исчезнувањето на Меди, засега нема цврсти докази што го поврзуваат, а тој одбива да соработува со надлежните.
Б. С. Б. | Црнобело