Како изгледа денес Меделин Стјуарт, еден од првите модели со Даунов синдром?
- Детали
- понеделник, 22 јануари 2024
„Сите ние сме луѓе и нашите разлики се она што го прави општеството толку убаво, разновидно и прекрасно. Светот би бил досаден да бевме сите исти“, вели 26-годишната Меделин Стјуарт, која беше првиот модел во светот со Даунов синдром.
Кариерата на Меделин Стјуарт во модната индустрија започнала кога имала 17 години и кога се појавила на својата прва модна ревија.
„Фактот што практично бев единствената која се занимава со манекенство ме инспирираше да сакам да го правам тоа!
Мојата прва работа како модел беше во Њујорк на Модната недела во септември 2015 година. Тоа беше искуство кое никогаш не може да се заборави“, изјави Меделин во една пригода.
„Дизајнерот Хендрик Вермеулен беше неверојатен – многу талентиран и скромен. Тој ја имаше истата визија и желба како мене да го смени светот, па можете да замислите колку беше посебно да се работи за него“, додава таа.
Оттогаш таа се има појавено на повеќе од 100 модни ревии низ светот, вклучувајќи ги Њујорк, Париз и Лондон.
Меделин не крие дека се соочила и со многу непријатни ситуации, но тоа само ја направило посилна и она што е денес.
„Се разбира, имав борби. Тоа вклучува луѓе кои ме третираат поинаку. Но, тоа беше една од причините зошто бев инспирирана да продолжам да се занимавам со манекенство.
Сакам да го сменам начинот на кој општеството гледа на луѓето со Даунов синдром или каква било попреченост“.
„Една од најголемите бариери со кои се соочив на почетокот на мојата кариера беше тоа што некои луѓе не ме гледаа како професионалец, иако сум и работев многу напорно за да стигнам таму каде што сум.
Некои луѓе, пак, мислеа дека ми прават услуга со тоа што ме вклучуваа во ревии и не мислеа дека треба да ме платат како останатите модели“, откри Меделин.
Во 2020 година Џејн Магнусон ја претстави приказната за Медлин во форма на документарен филм наречен „Maddy the Model“ чија премиера беше во Цирих и доби позитивни критики од филмските критичари.