Мајка искрена за животот со 4 бебиња одеднаш: „Месечно трошиме 12.000 денари за пелени и 28.000 денари за адаптирано млеко“
- Детали
- петок, 15 септември 2023
Ако сметате дека животот со едно бебе е скап, тогаш замислете како би изгледал животот со четворка… Мајка од САД споделува колку се високи финансиските трошоци и колку напорно изгледа нејзиниот работен ден како домаќинка и мајка која истовремено се грижи за четворка.
Ракел Толвер (33) од Флорида, САД е мајка на четворка, а таа неодамна за американските медиуми откри колку е скап животот со четири бебиња одеднаш.
Во првите пет месеци од животот на бебињата семејството веќе потрошило околу 1 милион и 700.000 денари (30.000 долари).
Ракел е мајка на четирите 5-месечни бебиња Брајсон, Амаја, Ројс и Дензел, како и на 3-годишното дете Дрејсон, но вели дека животот со толку деца воопшто не е лесен од финансиски аспект.
„Навистина е тешко, но се трудиме“ – вели таа.
Месечно семејството троши околу 170.000 денари (3.000 долари) само за бебињата.
Тие секој месец треба да одвојат околу 28.500 денари за адаптирано млеко, 12.000 денари за пелени и 4.600 за влажни марамчиња.
„Трошиме кутија пелени и влажни марамчиња на секои 3 дена, големо шише детергент за перење секоја недела и две големи конзерви адаптирано млеко неделно“ – вели таа.
Посебен проблем било и тоа што откако купиле почетни транспортери за бебињата, по 3 месеци морале да купат нови, затоа што децата брзо растат.
За да го издржат финансискиот притисок, семејството најчесто купува веќе користени облека и играчки, а Ракел која е домаќинка вели дека грижата за 4 бебиња е исцрпувачка работа.
Таа дневно менува вкупно 40 пелени.
„Ги храниме и ги пресоблекуваме по точно одреден распоред, бидејќи тоа ни е единствениот начин за да издржиме. Ги хранам и ги пресоблекувам истовремено, што вообичаено ми одзема по 20-тина минути“ – раскажува таа.
Сепак, таа вели дека е среќна што нејзините бебиња се живи и здрави. Тие биле родени во 26-тата недела од бременоста и заради тоа поминале 3 месеци во инкубатор, а две бебиња биле постојано на поддршка со кислород.
За самиот престој во болница, семејството морало да плати над 500.000 денари (9.000 долари).
„Се радувам што сите 4 преживеаја и што се здрави. Со нетрпение го очекував денот кога ќе ги земам во раце, па кога дојде тој ден само плачев. Навистина се исплати целиот труд“ – вели таа.
Б. С. Б. | Црнобело